Најмалку пет лица се убиени, а 25 се ранети во средата на нападот врз бирото на хуманитарната агенција Save the Children (Да ги спасиме децата) во авганистанскиот град Џалалабад, пренесуваат агенциите.
Одговорноста за нападот ја презема сунитската џихадистичка група Исламска држава. Нападот започна со експлозија на автомобил бомба а потоа четворица напаѓачи влегле во комплексот и се судрија со авганистанските специјални сили. Напаѓачите десет часа ѝ одолеваа на акцијата на авганистанските командоси.
„Борбата е завршена“, изјавил портпаролот на покраинскиот гувернер Атула Когјани за AFP.
Двајца загинати се стражари во бирото на агенцијата а еден е цивил. Засега не е познато дали другите двајца загинати се напаѓачи или цивили.
Исламската држава во соопштение преку нејзината новинска агенција Amaq објави дека цел на нападот биле британски, шведски и авганистански институции. Агенцијата Да ги спасиме децата има седиште во Велика Британија, а во близина на канцеларијата во Џалалабад се наоѓа и бирото на една шведска хуманитарна организација и авганистанското министерство за женски прашања.
Британската агенција, којашто се грижи за околу 1,4 милиони деца во Авганистан привремено ги суспендираше активностите во земјата и ги затвори своите канцеларии. Во октомври Црвениот крст драстично ги намали своите операции во Авганистан по нападот во кој беа убиени седум негови вработени.
Во изминатата 2017 година во Авганистан се убиени 17 хуманитарни работници а 32 се ранети.