ВИДЕО| Нападот на болницата во Газа предизвика немири во муслиманските земји

Umit Turhan Coskun / AFP
Umit Turhan Coskun / AFP

Нападот на болницата во Газа во кој загинаа најмалку 500 Палестинци, предизвика протести и немири во земјите со мнозинско муслиманско население, вклучително и Либан, Јордан и Турција.

Палестинските власти го обвинија Израел за смртоносниот инцидент во вторникот, иако израелската влада ја отфрли одговорноста, велејќи дека „терористите“ во Газа го погодиле објектот со погрешно испукана ракета.

Во Бејрут, милитантната група Хезболах повика на „ден на невиден гнев“, а демонстрантите се собраа пред американската амбасада во населбата Авкар.

Некои фрлаа камења кон безбедносната ограда и се обидоа да се качат по неа. Полицијата одговорила со солзавец и употребила водени топови за да ја врати толпата, според либанскиот канал МТВ.

Демонстрантите, наводно, се обиделе да упаднат и во канцеларијата на Економската и социјалната комисија на ОН за Западна Азија (ESCWA) во центарот на Бејрут.

Слични сцени се случија во главниот град на Јордан, Аман, каде разгневената толпа ги запали израелските знамиња и се обиде да упадне во израелската амбасада. Дописникот на АФП јави дека тие ја пробиле првата безбедносна бариера, но подоцна биле потиснати од полицијата, која употребила солзавец.

„Полицијата избрка група демонстранти кои се групираа во близина на амбасадата во обид да стигнат до [зградата]“, соопшти Управата за јавна безбедност на Јордан, цитирана од веб-страницата Роја њуз.

Аман во среда требаше да биде домаќин на самитот на лидерите на САД, Јордан, Египет и палестинската управа. Јорданските власти оттогаш го откажаа настанот во знак на солидарност со жртвите во Газа.

Митинзи се одржаа во повеќе турски градови, вклучувајќи ги Истанбул, Малатија, Газиантеп и Кајсери.

Во Истанбул, најголемиот град во Турција, огромна толпа се собра пред израелскиот конзулат, при што некои демонстранти лансираа огномет и се обидоа да ја запалат зградата. Други фрлаа камења и запалија американско знаме, објавија локалните медиуми.

Полицијата интервенираше и ги растера демонстрантите. Фахретин Алтун, портпарол на претседателот Реџеп Таип Ердоган, ги повика оние кои сакаат да изразат „оправдан гнев“ поради смртните случаи во Газа да го почитуваат законот и да го „зачуваат здравиот разум“.

Палестинските власти тврдат дека израелска воздушна бомба ја погодила Арапската болница Ал-Ахли во градот Газа, одземајќи најмалку 500 животи во вторникот.

Меѓутоа, израелската армија и премиерот Бенјамин Нетанјаху рекоа дека болницата била погодена од ракета лансирана од палестинска милитантна група која скршнала од курсот. Израелските власти претходно го обвинија Хамас, кој ја контролира Газа, дека користи болници, училишта и џамии како покритие за своите оперативци.

Израелските одбранбени сили спроведуваат одмазднички напади врз Газа откако Хамас и сојузничките милитанти започнаа ненадеен напад врз израелските градови на 7 октомври.