Крици од одглумен оргазам одекнуваа во њујоршкиот ресторан „Katz’s“ кој со несекојдневно натпреварување ја одбележа 30-годишнината од снимњето на филмот „Кога Хари ја сретна Сали“, кај многумина запаметен по култната сцена снимена токму во овој угостителски објект.
Управата на ресторанот „Katz’s“ натпреварот го организираше во петокот, повикувајќи ги сите кои сакаат да седнат на масата и да се обидат да ја имитираат актерката Мег Рајан, која оваа сцена ја сними пред 30 годиини. Ресторанот кој бил популарен меѓу њујорчаните откако е отворен во 1888 година, стана по филмот популарна дестинација и на туристите.
Во натпреварот мажи и жени беа повикани да ја снимат својата изведба на сцената и да ја постават на интернет, па да почекаат „инфлуенсерите“ на социјалните мрежи да го одберат победникот кој ќе биде познат следната седмица.
Меѓу натпреварувачите во петокот била и 31-годишната Шона Моган, средношколска наставничка од Форт Лодердејл на Флорида, која за своето „крешчендо“ добила голем аплауз во преполниот ресторан.
За жал, во натпреварувањето не е ставена и реченицата која во филмот ја изговара средновечната жена додека ја гледа актерката Рајан како глуми оргазам, нарачувајќи го своето јадење на келнерот му вели „Ќе го земам истото што и таа“, а која е вброена меѓу 100-те најдобри филмски фрази.
Ликот во филмот кој го толкува тогаш младата Мег Рајан го одглумува оргазмот откако нејзиниот пријател Хари, кого го толкува Били Кристал, самоуверено тврди дека жените со него никогаш не одглумиле оргазам, и дека сигурно би знаел да ја препознае разликата меѓу глумењето и вистинското уживање.