![сијарто](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/si-arto-1.jpg?resize=696%2C372&ssl=1)
Не мислевме дека 21 век ќе има војна во Европа. Ние Унгарците живееме во соседство каде што е војната. И гледаме страдањата што таа ги носи. Примивме повеќе од милион бегалци. Го гледаме и го чувствуваме импактот во форма на зголемување на цените на енергенсите. И ја плаќаме цената на оваа војна во форма на инфлација која е 10-15 пати повисока од тоа што нормално треба да биде. Значи, ја плаќаме цената, го чувствуваме импактот и страдањата иако не сносиме никаква одговорност за војната и иако тоа не е наша војна, рече министерот за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Петер Сијарто, во своето обраќање на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје.
„Претставувам нација, која умира во оваа војна. Имаме значителна заедница на Унгарци која живее во Украина и бидејќи се украински граѓани, мобилизирани се во украинската армија. Многу од нив се пратени на фронт, а многумина загинаа. Ние, Унгарците, не сакаме повеќе луѓе да умираат. Затоа нашите аргументи се во насока на мир. Мирот е единствена солуција и единствен начин да се спасат животите на луѓето. И ова е единствениот начин да се избегне понатамошно уништување. Ако ја погледнеме изминатата година ипол, очигледно е дека тие кои сметаа дека има решение на бојното поле, не се во право. Нема решение на бојното поле. Таму има само мртви и деструкција. И за тие кои велат дека напредокот на бојното поле ќе ја подобри шансата за мир – и ова не точно исто така. Секој дополнителен ден во оваа војна ја прави надежта за мир полоша и полоша. И веруваме дека доставата на оружје, не помага исто така. Тоа само ја пролонгира војната. Ние не сакаме војна, не сакаме оружје во регионот… Тоа што ни треба во регионот е мир.
Сакам да нагласам – да се држат отворени каналите за комуникација е витално. Затоа што ако ги блокираме тие канали, тогаш всушност се откажуваме од надежта за мир“.
Тој посочи дека враќањето кон цивилизирана соработка меѓу истокот и западот е клучно.
„Се надевавме дека во овој прекрасен град Скопје, ќе ја искористиме предноста на присуството на нашите колеги од Русија и САД. Навистина се надевавме на директна комуникација, иако станува збор за луѓе со навистина набиена агенда. Жалиме што тоа не се случи. Иако веруваме дека таквата комуникација, директниот контакт ќе биде во корист за сите нас, за Европа и за сите луѓе кои сакаат мир. Затоа, Бујар ви благодарам за сите напори што ги вложивте тоа да се случи.
Ние, Унгарците страдавме од комунистички режим 40 години во свет кој беше поделен во блокови. Имавме угнетување од Истокот и имавме игноранција од Западот, и не сакаме да се вратиме во историска фаза кога повторно ќе бидеме губитници. Затоа, ве молам, не го делете светот на блокови повторно. Наместо блокови, сакаме да видиме глобална соработка.