ВИДЕО Нема друг начин за влез во НАТО освен со спроведување на Договорот од Преспа

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за „360 Степени“, снимено во Брисел, одговара на прашања за исходот од референдумот, очекувањата во следниот период, улогата на ВМРО-ДПМНЕ, пораката до гласачите што се испраќа преку средбите на меѓународните претставници со Мицкоски, опцијата за предвремени избори.

Г-дине Генерален секретар, вие веќе го поздравивте исходот од референдумот во Македонија и ги повикавте политичките лидери и политичките партии да постапуваат конструктивно за да се искористи оваа историска можност за земјата. Дали ваквата изјава значи дека референдумот го сметате за успешен и што точно очекувате од политичките лидери во земјата?

Го поздравувам фактот што толку многу граѓани гласаа „за“ на референдумот, повеќе од 90 отсто од оние што излегоа да гласаат. Но, кога станува збор за начинот за напредување, тогаш за тоа не треба НАТО да решава туку владата и парламентот во Скопје. Не е моја работа да навлегувам во внатрешен, политички и демократски процес на вашата земја. Она што можам да го кажам е дека доколку договорот за името со Грција биде целосно имплементиран, тогаш ние сме подготвени да ве примиме како 30 земја-членка на НАТО. Ќе можеме рано догодина да го потпишеме пристапниот протокол и од тогаш ќе можете да учествувате на состаноците на НАТО и се надевам дека тоа ќе се случи зашто тоа би било добро за целиот регион, за НАТО, но и за ПЈР Македонија зашто ќе се договорите за прашањето за името и ќе станете полноправна членка на Алијансата. Истовремено, важно е јасно да кажам дега нема друг, алтернативен начин за влез во НАТО освен преку имплементирање на договорот за името. Оттука, ако договорот за името не биде имплементиран, тогаш нема да станете членка на НАТО, а истата порака јасно ја кажа и ЕУ. Така што, единствен начин да станете полноправна членка на меѓународната заедница, на НАТО, е да го имплементирате договорот за името.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, изјави дека за него референдумот бил неуспешен. Имајќи предвид дека позицијата на неговата политичка партија е важна во парламентот зашто без гласовите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не може да има напредок во спроведувањето на Договорот од Преспа – кое е вашето мислење за ставот на опозицијата во Македонија?

Повторно велам дека ова е одлука што треба да се донесе во парламентот и има потреба од двотретинско мнозинство за промена на уставот. Само парламентот во Скопје може да ја донесе конечната одлука. НАТО не може нешто да наметне, или со сила да го натера парламентот во Скопје да донесе конкретни одлуки. Единствената работа што можеме да ја направиме е да ги кажеме алтернативите – или ќе го прифатите договорот за името со Грција и ќе го имплементирате по што ќе станете членка на НАТО и на меѓународната заедница, или ќе го отрфлите договорот со што ќе останете надвор од НАТО и нема да бидете полноправна членка на меѓународната заедница. Конечно, ова е одлука што треба да ја донесе парламентот. Силно верувам дека ќе биде голема предност земјата да стане полноправна членка. Тоа овозможува стабилност, безбедност, цврстина да се биде дел од сојуз на 29 членки, да се седи рамноправно на маса на која се носат одлуките на НАТО. Видовме дека стабилноста и безбедноста се важни и за економскиот просперитет. По приклучувањето на Црна Гора на НАТО видовме дека инвестициите од НАТО-членките за два пати се зголемија. Така што, членството во НАТО е добро за безбедноста, но и за економскиот просперитет.

Дали мислите дека некои гласачи во Македонија можеби беа збунети, дека и бојкотот е легитимен избор. Тука не го исклучувам и можното влијание од посетите на високите функционери во Македонија пред референдумот, кои се среќаваа со сите заинтересирани страни во процесот, вклучувајќи ја и политичката партија која очигледно го бојкотираше референдумот?

Видов обиди да се каже дека има друга алтернатива освен НАТО и ЕУ. Нема алтернатива. Бидејќи видовме, од изминатите години, дека ПЈР Македонија не беше во можност да напредува поради спорот за името. Прифаќам и разбирам дека спорот за името е чувствителен, но во исто време, единствен начин да се стане член е со постигнување на договор со вашиот сосед Грција. Поради тоа, го поздравувам договорот за името, почитувајќи дека ова е чувствително и тешко, бидејќи знам дека целосна имплементација на договорот за името е единствениот начин земјата да стане членка на НАТО. И ЕУ стави јасно до знаење дека договорот за името со Грција е предуслов за членство.

Еден возможен развој на настаните сега е предвремени избори. Ве молам за Ваш коментар за таквото сценарио?

Повторно, ќе бидам внимателен да не почнам да коментирам како Скопје да ги организира домашните демократски процеси. Тоа е работа на политичарите, на граѓаните, на владата во Скопје да одлучат. Тоа не е за мене или за НАТО. Единственото нешто што јас можам да го кажам е што ќе се случи, кога станува збор за членството во НАТО.  Ако го имплементирате договорот тогаш ќе станете членка а ако не го имплементирате договорот тогаш нема да станете членка. Но, на крајот на денот, граѓаните на земјата, лидерите на земјата се оние коишто треба да ги донесат тие одлуки и јас апелирам да работат заедно, на конструктивен начин за да ја зграпчат оваа исторска можност. Можност која се случува еднаш во животот, вашата земја да стане полноправна членка. Не знаеме кога и дали воопшто ќе се укаже слична можност.