Неидентификуван летачки објект во форма на топка е забележан на ноќното небо над украинската престолнина Киев, известува во вторникот порталот Страна.ua.
„Киевчани пишуваат за непознат летачки објект над небото над главниот град во форма на топка“, се наведува во објавата со снимката на апликацијата за размена на пораки Telegram.
Претходно во вторникот попладнето, портпаролот на Командата на Военото воздухопловство на Украина, Јуриј Игнат, ја потврди појавата на балони над територијата на земјата. Додаде дека слични летечки објекти биле забележани над небото над регионот Днепропетровск во неделата 12-ти февруари.
Според украинските воздухопловни сили, балоните со рефлектори на рабовите наводно имале цел да вршат надзор и шпионирање над Украина и наводно биле пуштени од руската територија. Москва досега не се огласи по повод таквите обвинувања. Се поставува прашањето како таквите летачки објекти успеале да минат покрај украинската воздушна одбрана и да не бидат соборени.
Претходно во вторникот воздухопловни сили на Романија, којашто се граничи со Украина, објавија дека системот за воздушно набљудување открил мала воздушна цел, со карактеристики слични на метеоролошки балон на надморска височина од околу 11.000 метри во националниот воздушен простор над југоисточниот дел на земјата.
Романските власти ги примениле сите стандардни процедури од моментот на откривање на објектот, а два авиони од верзијата „МиГ-21 ЛансР“ на романските воздухопловни сили од Борбената служба на воздухопловната полиција под команда на НАТО полетале од 86-та воздухопловна база Фетешти до областа каде што била пријавена целта.
Екипажите на двата авиони не го потврдиле присуството на воздушната цел, ниту визуелно, ниту на радарите. Романските авиони се задржале во реонот околу 30 минути, со цел целосно да се разјасни состојбата во воздушниот простор, по што се вратиле во базата.
Американската телевизиската мрежа CNN, во неделата кога над САД и Канада беа соборени три сѐ уште неидентификувани летечку објекти, цитираше пилоти кои полетале за пресретнувањата на објектите коишто рекле дека не можеле со визуелен контакт да утврдат каде се наоѓаат моторите на летачките објекти.