ВИДЕО| Неуспешен првиот лет на европската ракета „Vega-C“

Првата комерцијална мисија на европската ракета „Vega-C“ се покажа неуспешна набрзо по лансирањето до Француска Гвајана во вторникот.

Ракетата скршнала од курсот неколку минути откако била лансирана од космодромот во Куру во Француска Гвајана, соопшти во средата Стефан Израел, шеф во „Arianespace“, која нуди комерцијални услуги за лансирање.

„За жал, можеме да кажеме дека мисијата пропадна“, информираше Израел.

Според објавата на компанијата, постои проблем со ракетниот мотор „Zefiro 40“ на цврсто гориво. Започната е анализа на податоците за да се открие точната причина за дефектот, додаде Израел.

Се очекува дека „Arianespace“ повеќе информации ќе изнесе на специјалниот брифинг посветен на мисијата кој ќе се одржи подоцна во средата.

Ракетата „Vega-C“ требаше во орбитата да понесе два сателита за следење на процесите на Земјата во сопственост на француско-германскиот концерт за аеротехнологија „Airbus“.

Новата ракета го имаше својот инаугурациски лет во јули годинава. Вчерашното лансирање требаше да ја означи првата комерцијална мисија.

Ракетата „Vega-C“ е наследник на претходните ракети од истата клас со истата ознака, коишто носеа лесни сателити во Вселената од 2012 година. Компанијата тврди дека со „Vega-C“ е поевтино да се управува и ракетата може да носи поголем товар.

Заедно со поголемата ракета носач „Ariane 6“, која првпат би требало да биде лансирана во Вселената следната година, во компанијата се надеваат дека „Vega-C“ ќе ги направи европските вселенски патувања поконкурентни.