ВИДЕО| Објавени инсерти од првите сослушувања на уапсените за нападот во Москва

На руските медиуми и социјални мрежи се појавија извадоци од првите испрашувања, земени на самото место на апсењето во пограничната област Брјанск на осомничените ако директни извршители на терористичкиот напад во концертна сала близу Москва во петокот вечерта, кои според медиуми поставуваат некои прашања.

Еден од уапсените вели дека во Русија дошол од Турција, дека бил контактиран од некои лица преку платформата Telegram преде еден месец. Неговиот контакт го снабдил со оружјето и му наложил да ги убие сите луѓе кои ќе се најдат во салата. За тоа му биле ветени околу милион рубљи (околу девет илјади евра), од кои половината требало да добие по извршувањето на нападот. Не е јасно дали во целосниот видео-материјал, тој посочува од каде ги добил парите, освен дека ги примил „на картичка“, и каде требало да го добие остатокот од преостанатата ветена сума.

Тоа посочува дека станува збор за платеник а не за верски фанатизиран терорист, какви што се припадниците и симпатизерите на ултрарадикалната џихадистичка групација Исламска држава која ја презема одговорноста за нејзини припадници.

Тој вели дека нападот го извел откако разговарал со „помошникот на проповедникот“. На објавената снимка тој го наведува своето име Фаридун Шамутдин, како и дека е роден на 17-и септември 1998 година.

Друг од уапсените на снимката зборува на таџикистански, а неговото испрашување се води со преведувач. Според него, тие живееле во хостел во московско предградие „на автопат“, возилото го купил зашто „сакале да работат како таксисти“. Наведува дека комуницирал со две лица коишто ги именува како „Абдула“ и „Мухамед“. Според руските медиуми, веројатно станува збор за „водачот“ на оваа четворка.

На Telegram е објавено и видео со третиот осомничен за нападот во салата. „Раџаб Ализаде… Некаде на патот… Сега“, одговара тој на лош руски јазик на прашањето да се идентификува и каде со соучесниците го фрлиле оружјето. Притоа, тој не може да каже каде точно, посочувајќи на „своите пријатели“ кои „подобро знаат“. Според него, во областа на Брјанск , на стотина километри од границата со Украина, пристигнале без оружјето кое го користеле во нападот.

Во саботата рано утрото, директорот на руското разузнавање Федерална служба за безбедност (ФСБ) Александар Бортников извести дека во врска со терористичкиот напад се приведени вкупно 11 лица, вклучувајќи ги и сите четворица директно вклучени во терористичкиот напад. Според разузнавачката служба, четворицата осомничени биле фатени во областа Брјанск. Откако го извршиле терористичкиот напад, тие се обиделе да побегнат со автомобил и да ја преминат руско-украинската граница. Терористите, наводно, имале контакти во Украина и користеле оружје однапред подготвено и сокриено на тајна локација која им била соопштена од лицата со кои контактирале.