ВИДЕО| Ослободените заложници ја молат израелската влада за договор со Хамас

Ослободете ги заробениците, договорете се со Хамас подоцна, во спротивно нема да останат заложници за ослободување“, вели поранешната заложничка Адина Моше.

По одлуката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го отфрли последниот предлог на Хамас за прекин на огнот што тој го означи како „заблуда“, група од пет жени, поранешни заложници, дадоа емотивна изјава барајќи од израелските власти да ги спасат животите на оние кои останале заробено во Газа од  Хамас, веќе повеќе од четири месеци.

„Апелирам до вас, г-дине Нетанјаху. Сѐ зависи од вас, сѐ е во ваши раце. Навистина се плашам дека ако продолжите со вашата линија за уништување на Хамас, нема да останат заложници за ослободување“, рече Адина Моше (72), воспитувач од кибуцот Нир Оз, која уште во ноември побара да се ослободи друга жена наместо неа.

„Не побегнавме дури и кога бевме гранатирани на 7 октомври, останавме во нашиот кибуц затоа што го сакаме и ја сакаме оваа земја, никој не може да ми го одземе ова“, сподели таа со публиката.

„Но, јас ја сакам мојата земја назад. Зборувам за моралот, етиката на мојата земја – тие ги нема, а јас ги сакам назад. Ве молам, ве молам, ќе ве прашувам повторно и повторно: ослободете ги заложниците, оставете го Хамас за подоцна“, рече Адина. Таа го наведе влошувањето на здравјето на заробениците и нејзините стравови дека многу од нив, вклучително и нејзините пријатели и студенти, се веќе мртви.

„Цената е тешка“, но алтернативата е „жртвување на 136 деца, жени и мажи, киднапирани од нивните кревети, кои се подложени на физичка, сексуална и емоционална злоупотреба во моментов“, рече Шерон Алони Кунио (34), ослободена од заробеништво кон крајот на ноември без нејзиниот сопруг Дејвид Кунио.

„Цената на негрижата ќе стане историска дамка со генерации“.

Нили Маргалит (41), медицинска сестра од болницата Сорока, киднапирана од Кибуц Нир Оз, рече дека „Ако заложниците се вратат дома, сите ќе знаат дека Израел нема да мирува додека не ги заштити своите граѓани. Но, ако не се вратат, секој ученик, секоја мајка и татко ќе знае дека тие се следни, дека нивниот живот не вреди ништо, дека живеат во земја која не е посветена на нивната безбедност, дека нема чувство за взаемна одговорност”.

62-годишната израелска воспитувачка во градинка Авива Сигел, која беше киднапирана од Кибуц Кфар Аза, им се заблагодари на поддржувачите за „бескрајната љубов“. Таа рече дека спасувањето на заложниците би значело спасување на државата Израел.

„И тоа ќе биде апсолутна победа“, додаде таа, повторувајќи го ветувањето на Нетанјаху дека ќе продолжи да се бори до целосна елиминација на Хамас.

Изјавата на групата беше завршена со говорот на Сахад Калдерон (16), која беше киднапирана од кибуцот Нир Оз со нејзиниот брат Ерез (12) и таткото Офер. Заедно со нејзиниот брат, таа беше ослободена за време на привременото примирје во ноември, додека нивниот татко останува во заробеништво на Хамас.

„Дали знаете што значи да се биде таму макар и еден ден? Еден час?

„Можеби сум жива, но мојата душа беше убиена“, рече Сахад.

„Знаете ли како е чувството кога терористите зјапаат во тебе со часови? Бев исплашена до смрт, бев сигурна дека ќе ме силуваат. Само молчев чекајќи некој да ме извлече од тој кошмар и чекав со месеци. Каде беше мојата влада?“

Таа рече дека е благодарна што е ослободена од заробеништво, но ги повика властите да дадат приоритет на ослободувањето на другите 136-те заложници.

„Не знаете дали ќе го преживете денот, дали ќе продолжи утре или никогаш нема да заврши. Ве молам, не дозволувајте татко ми и сите други да завршат во ковчег”.

„Не ми кажувајте дека не можеме да ослободиме повеќе заложници – што може да биде поважно од животот на 136 луѓе кои чекаат да бидат спасени?