(ВИДЕО) Осум жртви во експлозија и пожар во Перу

Бројот на жртвите од пожарот во перуанската престолнина Лима кој избувна по несреќа на цистерна со нафта се зголеми на осум, пренесува во петокот локалната новинска агенција Andina, повикувајќи се на министерството за здравство.

Претходно беа потврдени пет смртни случаи и повеќе од 40 повредени. Некои од настраданите имаат изгореници од 80 до 90 отсто од телото, така што бројот на жртвите веројатно ќе се зголеми.

Во четвртокот претпладнето по локално време камион цистерна со нафта се забил во работилница за поправка на возила во предградие на Лима. Судирот предизвикал експлозија и пожар кој се проширил на три станбени згради во близината. Вкупно се ошетени 20 домови.

Властите покренаа голема крводарителска акција во повеќе болници во главниот град на Перу. Семејствата кои беа принудени да ги напуштат оштетените домови, поставени се станбени контејнери за нивно привремено сместување, а властите ги снабдуваат со храна и вода.