ВИДЕО| Јотова му врачи бугарски пасош на Пендиков: Од денеска си под наша заштита!

Од денеска си под заштита на Бугарија и граѓанин на Европската Унија (ЕУ), му рече бугарската потпретседателка, Илијана Јотова која лично му ги врачи документите на Христијан Пендиков, поранешен генерален секретар на згаснатиот бугарски клуб со контроверзно име „Цар Борис Трети“. Свеченоста беше пренесувана во живо на Фејсбук, преку профилот на Бугарското национално радио и се одржа со највисоки почести.

Додека јавноста го оцени настанот како пи-ар на Јотова, Пендиков не пропушти можност да упати нови обвинувања кон македонскикте власти.

„Во Македонија има уште многу македонски Бугари кои секојдневно се борат за нашата кауза и идеологија. Тие секојдневно трпат притисок од тамошните власти“, рече Пендиков кој се заблагодари на бугарскиот претседател, на неговиот заменик, на сите министерства и пријатели за помошта, како и на полицијата и докторот кои се грижат за неговата безбедност и здравје.

Јотова, пак, го опиша Пендиков како храбар човек кој останал верен на бугарскиот идентитет и самосвест и покрај, како што рече, провокациите што ги трпел.

Пендиков, кој е роден во Охрид, во јануари оваа година беше нападнат, наводно, поради тоа што се чувствувал како Бугарин. Во јавноста кружеа гласини дека нападот се должел и на нерасчистени сметки меѓу него и напаѓачите, но настанот набрзо доби политичка конотација. Бугарија испрати и воен авион по него во Охрид со кој беше превезен на лекување во Софија.

Охридското обвинителство отвори предмет против него за омаловажување на македонската држава и народ.