
Мал авион падна на далновод 50-ина километри од Вашингтон во неделата предизвикувајќи големи прекини во снабдувањето со електрична енергија, а спасувачките служби и в текот на ноќта ги спасувале двете лица од авионот кој останал заплеткан во каблите.
Авионот ја доживеал несреќата во магливи и влажни услови во Монтгомери Вилиџ во сојузната држава Мериленд, според окружната противпожарна и спасувачка служба. Паднал на далновод под висок напон, на височина од 30 метри над земјата.
Ударот предизвикал прекин на струјата за повеќе од 120.000 потрошувачи, соопшти „Pepco“, комунална компанија од областа на главниот град Вашингтон. Патиштата во областа, исто така, биле затворени а многу семафори не биле во функција.
Противпожарната служба соопшти дека двете лица во авионот останале живи, но биле заробени во леталото. Противпожарниот началник Монтгомори Скот Голдстејн изјавил за медиумите дека спасувачката служба била во постојан контакт со нив во редовни интервали повикувајќи ги на мобилните телефони.
„Не постоеше поинаков начин да се утврди дали е сигурно да му се пристапи на столбот додека не се заземји, што значи дека екипата мораше самата да се искачи до жиците за да стави кабли на жиците и да обезбедат да нема статички електрицитет или струја“, рече Голдстејн за новинарите.
Според американската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај FAA, авионот од моделот „Mooney M20J“ летал од Вестчестер кон Њујорк и требало да слета во Монтгомери Ерпарк, близу местото на несреќата.