Париската полиција уапсила во вторникот повеќе од 200 луѓе и употребила солзавец и водени топови против маскираните анархистички демонстранти кои демолираа излози на продавници и фрлаа Молотови коктели, со што ги нарушија плановите на синдикатите да одржат масовни мирни собири по повод Празникот на трудот.
Според префектурата на француската полиција, околу 1.200 маскирани демонстранти облечени во црно се собрале на работ од годишната синдикална парада по повод Празникот на трудот. Тие биле повикани преку социјалните медиуми денот да го претворат во „Ден на револуцијата“. Станува збор за крајно левите анархистички групи наречени „Блек Блокс“.
Уапсени се 200 анархисти, а четири лица, вклучително и еден полицаец, полесно се повредени, објави полицијата на Париз. Министерот за внатрешни работи Жерар Коломб го осуди насилството и рече дека се преземаат сите мерки за да се уапсат одговорните. Портпаролот на француската влада ги критикуваше демонстрантите за криењето на нивните лица. „Доколку имате искрени убедување, демонстрирајте, не ги кријте лицата“.
Демонстрантите извикуваа антифишастички слогани, виореа стари советски и комунистички знамиња, истакнуваа антивладини транспаренти и фрлаа петарди. Некои од нив почнаа и со поставување барикади. Во безредијата искршени се мноштво излози на продавници и компании коишто во прв ред ги сметаат за симболи на „капитализмот и империјализмот“, палеа автомобили и испишуваа графити по зградите во центарот на Париз.
Безредијата започнаа во атмосферата на големо незадоволство на синдикатите поради реформските планови на претседателот Емануел Макрон, кои оценуваат дека се во полза на големите компании и им овозможуваат полесно давање откази на работниците. Макрон во вторникот повтори дека нема да се откаже од своите планови.
Синдикатите проценуваат дека на нивниот традиционален собир по повод Празникот на трудот се собрале 55.000 луѓе, додека полицијата тврди дека ги имало 20.000 демонстранти.