ВИДЕО: Пендаровски во Хрватска се провозе со најбрзиот електричен автомобил на свет

Претседателот Стево Пендаровски при официјалната посета на Хрватска доби ретка можност да се провози во најбрзиот електричен хиперавтомобил на светот, „невера“, производ на хрватската компанија „Римац автомобили“.

По вечерата кај претседателот Зоран Милановиќ, Пендаровски се сретна со основачот на компанијата Мате Римац, кој му понуди да свртат еден круг.

„Имаме малку време, ќе свртиме еден мал круг наоколу“, кажа Римац откако Пендаровски седна во возилото за кое зборува целиот автомобилски свет.

Младиот хрватски иноватор и претприемач неодамна објави дека „невера“ ќе оди во сериско производство. Неговата максимална брзина е 412 километри на час, а цената ќе биде два милиона евра. Планирано е да се произведе во само 150 примероци.