ВИДЕО| Петровска во Лондон пречекана со „Јовано, Јованке“

Со поздрав на македонски јазик и изведба на песната „Јовано, Јованке“ од страна на британскиот воен оркестар, министерката за одбрана Славјанка Петровска беше пречекана при официјалната посета на Обединетото Кралство и средбата со британскиот министер за одбрана, Бен Валас.

На официјалната церемонија, британската војска на македонски јазик ја поздрави министерката, по што воениот оркестар ја изведе македонската песна „Јовано, Јованке“.

На овој начин, „домаќините изразија почит“ кон Македонија, „со што уште еднаш се потврди сојузништвото и соработката на двете земји, членки на НАТО“, велат во официјалното соопштение од министерството.

„Чест ми е што денеска се реализираше мојата прва официјална посета на Обединетото Кралство и средбата со британскиот државен секретар за одбрана Бен Валас. Од Лондон ја испраќаме пораката дека остро ја осудуваме инвазијата врз Украина. Но, истовремено испраќаме и порака на обединетост на сојузниците и подготвеност да ја гарантираме безбедноста на државите – членки на НАТО Алијансата. Северна Македонија и Обединетото Кралство се сојузници со извонредна соработка во одбраната која денеска со колегата Валас ја потврдивме и ја зајакнуваме“, рекла Петровска.

Министерката во Лондон се сретна и со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуард Пич, а учествуваше и на тркалезна маса посветена на современите безбедносни предизвици и нивното влијание врз Западниот Балкан, организирана од кралскиот институт РУСИ (The Royal United Services Institute).

Петровска се сретна и со Алисиа Херберт, специјална пратеничка на министерката за надворешни работи и министерка за жени и еднаквост во британската влада, Лиз Трас, а во британскиот парламент имаше и работна вечера со Мартин Викерс, член на парламентот и претседавач на сепартиската парламентарна група за Македонија

Македонија.