Британските државјани Шон Пинер и Ејден Аслин, како и Мароканецот Саадун Брахим, коишто војувале во составот на украинските сили во судирите со сепаратистичките проруски и руски сили во одметната источна украинска област Донбас, делумно ја признале вината, пренесуваат во средата попладнето руските медиуми повикувајќи се на видео-материјал од судот на самопрогласената ткн Доњецка Народна Република во Доњецк.
Тројцата, кои се обвинети како платеници, признале да го прекршиле законот на ткн ДНР која се однесува на „обука со цел извршување терористички активности“. За овие дела, им се заканува затворска казна од 15 до 20 години или доживотен затвор.
Истрагата утврдила дека двајцата Британци и Мароканецот учествувале „во вооружената агресија од Украина за насилно преземање на власта во ДНР за одредена сума“.
Во медиумските извештаи, покрај тоа Пинер и Брахим, исто така, се изјасниле за виновни за дејствија насочени кон насилно преземање на власта во Доњецк, за што е предвидена затворска казна од 12 до 20 години, но во отежнувачки околности или во време на војна со смртна казна со конфискација на имот.
Воедно двајцата не ја признале вината според обвинението за „учество на платеник во вооружен судир или воени дејствија“.
Британците Шон Пинер, Ејден Аслин и Мароканецот Саадун Брахи им се предале на проруските и руските сили во јужниот црноморски пристанишен град Мариупол кон средината на април. Тогаш портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков предупреди дека „платениците кои пристигнуваат во Украина не се сметаат за борци, и оти најдоброто што може да го очекуваат е долготрајна затворска казна“.
Во вторникот британскиот вицепремиер Доминик Рааб изјави дека британската влада има намера да поднесе протест во врска со покренувањето на кривичната постапка против Аспин.