(ВИДЕО) Подметната бомба во автомобилот на Меси?!

Автомобилите на ѕвездите на Барселона, Лионел Меси и Луис Суарез, кои веќе извесен период се на еден од паркинзите на аеродромот „Ел Прат“ во овој град чекајќи ги да се вратат од летувањата на кои се со своите семејства, денеска беа во центарот на вниманието на локалната полиција поради анонимна дојава дека во нив има – бомба.

Полицајците со помош на специјално тренирани кучиња детално ги пребарале автомобилите на двајцата фудбалери, за на крајот да се уверат дека станувало збор за – лажна узбуна. Но, паниката била голема и многумина навистина помислиле дека дојавата е реална.

Меси и Суарез се наоѓаат на Ибица каде што се дружат со Сеск Фабрегас и Жорди Алба, а дојавата за бомбата не е единствен инцидент за време на нивниот престој на овој шпански остров. Пред неколку дена, Аргентинецот беше нападнат од непознат напаѓач, кој прво вербално го навредувал, а потоа се обидел и физички да се пресмета со него. Инцидентот, за среќа, го спречиле обезбедувачите во дискотеката во која Меси бил со својата сопруга и со пријателите.

За Суарез денешниот ден е последен од одморот и веќе од утре треба да им се приклучи на соиграчите на тренинзите, додека капитенот на Барса е слободен до недела (4 август).