ВИДЕО| Полициските „тигри“ во операција за хеликоптерско извлекување изнемоштено лице од Галичник

Специјалците од полициската единица „Тигар“ во содејство со Хеликоптерската единица при МВР спасија изнемоштено лице од Галичник, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

„По упатен повик до Центарот за управување со кризи беше побарана помош од Министерството за внатрешни работи за евакуација на болно изнемоштено лице, жител на село Галичник, општина Маврово-Ростуше. Од страна на Специјалната антитерористичка единица ‘Тигар’, во содејство со Хеликоптерската единица на МВР, веднаш беше одговорено на поставената задача и за кусо време се завршија подготовките за оваа спасувачка мисија“, истакнуваат од министерството.

Припадниците на специјализираниот алпинистички тим на САЕ Тигар заедно со колегите од Хеликоптерската единица во средата во периодот од 7 до 10 часот извлекле жител на село Галичник, а поради снежните навеви на патиштата кон селото, тимот на САЕ „Тигар“ бил принуден да се спушти на локацијата во Галичник, користејќи специјална опрема за спуштање и кревање од хеликоптер, додаваат од таму.