ВИДЕО| Потврдени осум млади жртви на концерт во Хјустон

Осум лица на возраст меѓу 14 и 27 години загинаа а уште 13 други и натаму се хоспитализирани како последица на стампедото на концертот на американскиот рапер Тревис Скот во Хјустон, во сојузната држава Тексас, потврди во саботата градоначалникот Силвестер Тарнер што значи дека нема промена во бројките на настраданите кои беа претходно објавени.

Претходно музичарот објави дека целосно соработува во полицијата на Хјустон во истрагата за причините кои додвеле до неконтролирано панично движење на масата посетители на настанот.

Говорејќи на прес-конференцијата во саботата, градоначалникот Тарнер го опиша инцидентот како „трагедија на различни нивоа“.

„Дојдоа податоци за смртта на осум лица како последица на инцидетот синоќа. Во однос на возраста, еден е на 14 а друг е на 16 години, двајца се на 21 година, уште двајца се 23-годишни а еден починат има 27 години, од нив не е утврден идентитот на едно лице… Вкупно 25 лица биле донесени во болнциите, 13 сѐ уште се хоспитализирани, од кои пет се помлади од 18 години“, изјави градоначалникот на Хјустон на прес-конференцијата пренесувана на социјалните мрежи.

Според градоначалникот Тарнер, нема пријавени исчезнати лица по инцидентот на концертот. Властите истакнуваат дека околу 1.200 полицајци и лица од приватни обезбедувања се грижеле за безбедноста на посетителите.

Притоа, како што изјави началникот на хјустонската полиција Трој Финер, во текот на концертот еден од припадниците на обезбедувањето „бил прободен со нешто во вратот“. Според медицинската служба, обезбедувачот загубил свет а за да биде „оживеан“ морало да се употреби антидотот (противотров) „налоксон“.

Инцидентот, како што претходно објавија американските медиуми, се случи во петокот вечерта по локално време, во текот на отворањето на дводненивниот музички фестивал Astroworld Festival, на кој присуствувале околу 50.000 посетители.

Според првичните информации од противпожарната служба, меѓу 21 и 21,15 часот по локално време во петокот вечерта, односно 03 часот наутро во саботата по македонско време, масата луѓе почнала да се проближува до сцената, а тисканицата предизвикала паника и некои загубиле свест. На повеќе од 300 лица им била укажана медицинска помош на самото место.

Настанот Astroworld Festival е годишен музички фестивал кој го органзиира американскиот рапер Тревис Скот, почнувајќи од 2018 година. Годинава фестивалот беше планиран за викендов, на 5-ти и 6-ти ноември, но поради трагедијата вториот ден од настанот беше откажан.