(ВИДЕО) Повлечена рекламата на „Jeep“ со Спрингстин

Тукушто Брус Спрингстин ја изненади јавноста првпат снимајќи рекламен спот за автомобил, во средата рекламата за „Jeep“ е ставена настрана по откритието дека во ноември американскиот музичар бил приведен поради возење во пијана состојба.

Пејачот од Њу Џерси бил приведен на 14-ти ноември и добил три пријави: поради возење во пијана состојба, опасно управување со моторно возило и консумирање алкохол на место каде што тоа е забрането.

Спрингстин бил кооперативен во текот на приведувањето, додала портпаролката на националниот парк познат како Сенди Хук во сојузната држава Њу Џерси.

Државното обвинителство на Њу Џерси објави дека 71-годишниот популарен музичар првпат ќе се појави на судот, и тоа преку видеоврска, веројатно кон крајот на февруари.

Спрингстин, инаку, не е познат како наклонет за снимање рекламни спотови и уште повеќе ја изненади јавноста кога во неделата првпат беше емитуван спотот на произведувачот на автомобили „Jeep“ во повторениот пренос од финалето во американски фудбал „Супер Боул“.

Во спотот пејачот минува преку широките пространства на американскиот Среден запад и им се обраќа на Американците дека „на патот гледа надеж“ и ги повикува да ги надминат меѓусебните поделби.

По објавата дека Спрингстин бил уапсен поради возење под дејство на алкохол, од „Jeep“ веднаш ја повлекоа рекламата.

„Би било непримерно да се коментира случајот за кој штотуку дознавме. Но, сметаме дека е исправно да го прекимене емитувањето (на рекламата) додека не ги дознаеме сите факти“, изјавила за телевизиската мрежа CNBC News, портпаролката на автомобилската групација.

Меѓутоа, на акаунтот на Спрингстин на Twitter рекламата била достапна до средата вечерта, пренесува агенцијата AFP.

https://www.youtube.com/watch?v=JVSx_4PWVWk