ВИДЕО| Пожар во француска фабрика – горат 900 тони литиумски батерии

Околу 900 тони литиумски батерии горат во фабрика за рециклирање батерии во јужна Франција, создавајќи облак од густ црн чад, соопштија француските власти во неделата.

Пожарот избувна во саботата во магацин во сопственост на француската група за рециклирање SNAM во Вивиез, северно од Тулуз, изјави локалниот советник Паскал Мазе на платформата Х.

Весникот Le Monde објави дека околу 70 пожарникари се борат да го стават пожарот под контрола. Локалниот функционер Шарлс Жусти изјави за телевизијата BFMTV дека нема опасност за луѓето што живеат во близина.

Литиумските батерии се од витално значење во електричните уреди од телефони до електрични автомобили, но тие содржат запаливи материјали кои, во комбинација со енергијата што ја складираат, може да ги направат подложни на палење кога се изложени на топлина. Согорувањето на литиумските батерии е потенцијална опасност поради ослободување на токсични материи.

Во издаденото безбедносно известување се предупредува дека во случај на голем пожар, производите во фабриката веројатно би испуштале кадмиум. Кадмиумот е многу отровен и опасен за животната средина, но се наведува дека отровните испарувања не треба да претставуваат непосредна опасност по здравјето на жителите.

Во јануари минатата година, голем пожар избувна во магацин во Нормандија, каде се складираат автомобилски компоненти и илјадници литиумски батерии, а пожарот беше ставен под контрола без жртви. Пожарникарите рекоа дека нема индикации за опасно загадување на воздухот.