(ВИДЕО) Пред 27 години замина кошаркарскиот Моцарт – Дражен Петровиќ

На денешен ден, пред 27 години, прерано во легендите замина неповторливиот кошаркар Дражен Петровиќ, еден од најголемите мајстори на играта со портокаловата топка на просторот на поранешна СФР Југославија, а дефинитивно и пошироко.

И покрај големата временска дистанца, сè уште се свежи сеќавањата на неговите мајстории, кои како магија ги опиваа вљубениците во кошаркарскиот спорт низ целиот свет. Македонските љубители на кошарката сè уште не можат да ги заборават неговите гостувања во „Јане Сандански“ и во „Градски парк“ како играч на Цибона, но и како репрезентативец на некогашна СФР Југославија. Тешко дека во скоро време може да се случи таква еуфорија каква што владееше кога во Скопје гостуваше загрепскиот тим предводен од големиот Дражен, макар тој сите 40 минути ги преседел на клупата.

И сега, 27 години по неговата трагична смрт, тој сè уште е кошаркарски феномен каков долго време ќе нема. За неговиот живот и кариера се снимени илјадници емисии и документарни филмови, напишани се огромен број приказни. За него, најдобриот кошаркар во НБА-лигата во моментов, Леброн Џејмс, изјави дека го смета за најдобар интернационалец што некогаш заиграл во најсиланата лига на светот.

„Беше голем стрелец, можеше да трча и не се плашеше да шутира. Не се плашеше од ништо. Немаше страв од моментот, од ништо немаше страв“, изјави Џејмс.

Кошаркарот, кој во својата кратка, но максимално богата кариера го одушеви целиот свет со својата човечка и спортска брилијантност, е роден на 22 октомври 1964 година во Шибеник, Хрватска, а загина во автомобилска несреќа на денешен ден на автопат во Германија во 1993 година. Својот кошаркарски опус го почна уште на 13-годишна возраст.

„Никогаш не пропуштив ниту еден тренинг. Никогаш! Знаев да уфрлам после тренинзите и плус по 500 топки кон кошевите, а потоа поставав столови и дриблам уште половина час“, ја објаснуваше Дражен тајната на својот успех.

За кусо време неговиот матичен клуб Шибеник стана премал за неговиот вонсериски талент по што со неполни 20 години тргнува по стапките својот брат Александар Петровиќ, кој веќе беше лидер на една моќна Цибона во тоа време. Со „цибоси“ се искачи на кровот на Европа, а со репрезентацијата на поранешна СФРЈ освои се што можеше да се освои на межународна сцена, а брзо потоа во дресот на Реал Мадрид стана убедливо најдобриот европски кошаркар.

По освојувањето на Стариот континент неизбежно беше остварувањето на неговиот сон – настапот во НБА лигата. Почна во Портланд трејлблејзерс, но не доби шанса, а потоа во Њу Џерси нетс покажа дека има квалитет да се носи со најдобрите на светот. Петровиќ беше повлечен надвор од теренот, но на просторот помеѓу двата коша не се плашеше од никого. Засекогаш ќе останат забележени неговите дуели со легендарниот Мајк Џордан особено тие на средбите помеѓу САД и Хрватска на Олимписките игри 1992 во Барселона.

Во време кога во НБА со потсмев гледаа на европската кошарка, Дражен заедно со Владе Дивац и Арвидас Сабонис успеаја да покажат и докажат дека и надвор од САД се игра квалитетна кошарка, тие беа пионери на подоцнежната интернационализација на најсилната светска лига. И, кога дојде време да ужива во плодовите на својот труд, да продолжи да ги полни противничките кошеви, тој замина во легендите. Неприродно, насилно, несреќно.

По 7 јуни 1993 година, светска кошарка повеќе не е иста. И, никогаш нема да биде. Дражен си замина кога требаше да даде најмногу. За него, само небото беше лимит. И, за жал, повисоки сили решија да се пресели токму таму.