
Француската полиција отвори истрага откако една девојка во Стразбур пријавила дека тројца ја нападнале на улица затоа што носела здолниште.
Според Би-Би-Си, 22-годишната студентка, идентификувана од француските медиуми како Елизабет, пријавила дека на улицата и пришле тројца мажи кои ја нападнале затоа што носи здолниште.
Во интервју за француското радио Франс Блу Алзас, Елизабет рече дека одела кон нејзиниот дом кога еден од тројцата мажи и викнал гласно: „Погледнете ја оваа курва со здолниште“.
Потоа сите тројца и пришле, раскажува студенката, а двајца ја држеле додека третиот ја удирал по лицето, оставајќи и модринка на окото. По нападот, тројцата мажи побегнале.
Таа рече дека најмалку 12 лица биле сведоци на нападот на улицата, но никој не и помогнал.
Вчера, министерката за внатрешни работи Марлен Скипа го посети Стразбур за да и се обрати на јавноста за безбедноста на жените на улиците.
„Здолништето не е виновно за нападот, а жената уште помалку. Жената никогаш не била нападната затоа што носи здолниште. Жената била нападната затоа што има луѓе кои се мизогини, сексистички, насилни и сметаат дека законите и правилата на однесување не важат за нив”, рече таа.
„Кога сте студент и треба да размислите што ќе облечете и каква порака испраќате, тоа е неверојатно ментално оптеретување“, додаде министерката.
Таа апелираше до јавноста веднаш да ја алармира полицијата ако биде сведок на некакво вознемирување на жени на француските улици.
https://www.youtube.com/watch?v=BdyzxgXLtrI&feature=emb_logo