ВИДЕО| Пригожин го објави првото видео по бунтот, веројатно од Африка

Шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, го објави во понеделникот своето прво видео обраќање по еднодневниот бунт кон крајот на јуни, појавувајќи се на снимка веројатно направена во Африка, која ја објави на Telegram канал поврзан со паравоената формација.

Во заднина се забележува дека Пригожин стои во пустинска област во маскирна униформа и со пушка во рацете. Во перспектива може да се забележат вооружени мажи и камионет.

Агенцијата Reuters наведува дека не успеале да ја геолоцираат снимката, ниту да го потврдат датумот на видеото. Но некои од коментарите на Пригожин, како и објави на каналите на платформата Telegram блиски на „Вагнер“, навестуваат дека видеото е снимено во Африка.

„Температурата е плус 50, сѐ е како што ни се допаѓа. Приватната воена компанија Вагнер ја прави Русија уште поголема на сите континенти, а Африка послободна. Правда и среќа за африканските луѓе, им го загорчуваме животот на Исламската држава и Ал Каеда и на другите бандити“, пишува Пригожон во прилог на видеото.

Вели дека „Вагнер“ врши регрутација на луѓе и дека групата ќе ги „исполни задачите коишто ѝ се поставени“. Во прилогот на видеото е објавен и телефонски број за оние коишто сакаат да ѝ се приклучат на групата.

Нејасна е иднината на „Вагнер“ во досегашната форма и функција, откако кон крајот на јуни тргна во кус бунт против рускиот воен врв, а Кремљ порача дека наместо кривично гонење поради она што го оцени како удар врз државата порача дека борците кои се бореа во едни од најтешките битки во Украина ќе бидат дислоцирани во Белорусија, доколку не потпишат договори со Министерството за одбрана.

По бунтот, некои борци на „Вагнер“ заминаа во Белорусија каде што ги обучуваат тамошните единици, што предизвика вознемиренот во соседните земји членки на НАТО – Полска, Латвија и Литванија кои ги зголемуваат своите трупи на белоруските граници. Во коментарите објавени кон крајот на јули, Пригожин, исто така, рече дека „Вагнер“ е подготвена дополнително да го зголеми своето присуство во Африка.