ВИДЕО| Пригожин го повика Зеленски да ги повлече војниците од Бахмут

Борците на приватната воена компанија „Вагнер“ речиси целосно го опколија градот Бахмут (Артејмеовск, на руски) во источниот украински доминантно руски регион Доњецк, изјави во петокот основачот на компанијата Евгениј Пригожин повикувајќи ги украинскиот претседател Володомир Зеленски да ги спаси животите на неподготвените војници, а истовремено од Киев се наведува дека украинските сили во околината на градот ископале нови ровови во обид да ги задржат руските напади.

„Борбите во Бахмут се водат 24 часа… Ситуацијата е критична. Тие не ги земаат предвид во обидот да го заземат градот. Задачата на нашите сили во Бахмут е да му нанесат што повеќе загуби на непријателот. Секој метар украинска земја го чини непријателот стотици животи“, тврдеше Володомир Назаренко, заменикот на командант на Националната гарда на Украина за радиото НВ Радио.

„Во последните 24 часа украинските сили одбиле повеќе од 170 напади во пет главни сектори на боиштето… Русите се обидуваат да го опкружат Бахмут од север, исток и југ а западниот приод на градот е веројатно единствениот дел од секторот Бахмут каде нашите сили а не руските окупатори имаат иницијатива“, вели во снимка на YouTube објавена четвртокот вечерта украинскиот воен аналитичар Олег Жданов.

Од друга страна во петокот рано утрото челникот на руската борбена групација „Вагнер“ на Telegram каналот објави видео во кое тврди дека руските трупи оставаат намерно само еден приод кон Бахмут.

„Единиците на Вагнер практично го опколија Бахмут, остана уште едена пат. Клештите се стегаат“, вели Пригожин во снимката.

Ги повика властите во Киев да им дадат можност на украинските вооружени сили да се повлечат од градот.

„Апелирам до претседателот на Украина, Владимир Александрович Зеленски (…) Ако порано со нас војуваше професионалната украинска армија, денеска гледаме сѐ повеќе старци и деца. Тие се борат, но нивниот живот кај Бахмут е краток, ден-два. Дајте им можност да го напуштат градот, градот всушност е опколен“, вели основачот на „Вагнер“.

Во приложеното видео тројца заробени украински војници, еден постар и двајца млади мажи, исто така го повикуваат Зеленски да дозволи војската да го напушти градот и да се вратат на своите семејства.

Во четвртокот Серхи Рахманин, член на комисијата за национална безбедност, одбрана и разузнавање на Врховната Рада (украинскиот парламент) изјави дека ситуацијата во Бахмут е „критична“ за украинската војска. Според него, од воен аспект „нема смисла да се брани“ градот „по секоја цена“. Рахманин потврди дека руските сили всушност ги прекинале сите правци за снабдување на украинските групации. Но ден претходно украинската заменичка на министерот за одбрана Ана Малјар објави дека Киев решил во Бахмут да испрати нови единици со намера да ги исцрпи руските сили за натамошен продор кон централна Украина.

Во блиските градови и села јужно од Бахмут ископани се нови ровови покрај патот оддалечени 20 до 40 метри, што се смета за знак дека украинските сили ги јакнат одбранбените позиции.

„Потребно не е повеќе муниција. Тука има многу повеќе Руси отколку што имаме муниција да ги уништиме. Не е важен бројот на непријателските војници. Важна е технологијата“, рече во четвртокот ноќта Назаренко.

Во вторникот, американскиот телевизиски канал CNN емитуваше интервју со еден украински воен во кое тој призна дека ситуацијата во Бахмут за силите на Киев во сите правци е многу полоша отколку што се кажува официјално. Агенцијата Bloomberg News, исто така, објави дека стекнувањето контрола над Бахмут од страна на руската војска ќе биде чекор кон ставање на контрола на целата административна територија на самопрогласената Народна Република Доњецк до превратот во Киев во 2014 година.

Руските воените аналитичари го поставуваат одамна прашањето зошто руските сили не го заземаат единствениот пат кој се користи за снабдување на украинските сили во Бахмут. Западните воени аналитичари, пак, во последно време го минимизираат стратешкото значење на Бахмут, иако станува збор за јазол од кој се отвора патот и кон северот на фронтот и кон централна Украина. Но има и такви коишто предупредуваат дека во борбите за градот украинската војска загубила премногу припадници од своите борбено најподготвени единици, потсетувајќи дека САД уште пред два месеца го советуваа Зеленски да ги повлече тие единици од Бахмут и да ги сочува за најавената пролетна офанзива.

Бахмут се наоѓа на 55 километри североисточно кон централна Украина од милионскиот град Доњецк, во северниот дел од истоимениот регион крај местото Горловка. Станува збор за важен логистички центар за украинската групација војски во целата област Донбас. Бахмут се наоѓа и на главниот патен правец кон градовите Славјанск и Краматорск, и двата во индустрискиот регион Донбас, а од нив се отвора простор за руско напредување кон централна Украина.