![bahmut](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/04/bahmut.jpg?resize=640%2C640&ssl=1)
Над зградата на администрацијата над украинскиот град Бахмут (Артјемовск на руски) во југоисточната област Доњецк за кој речиси половина година се водеа жестоки борби, е истакнато руското знаме, објави ноќта кон понеделникот Евгениј Пригожин, основач на приватната воена компанија „Вагнер“, чиишто наемници го понесоа најголемиот товар на руската страна во оваа битка.
Засега нема официјални коментари од Москва, ниту од руското Министерство за одбрана за моменталната состојба на ова боиште.
На знамето поставено на зградата на администрацијата е натписот „Во спомен на Владлен Татарски“. Истакнатиот руски воен дописник и блогер, со вистинско име Максим Фомин, со над 560.000 следбеници на Telegram загина во подметната експлозија во неделата вечерта во кафуле во Санкт Петербург пред почеток на трибина.
Според последните информации, во експлозијата ранети се 30 лица, меѓу кои и новинарката Татјана Љубина и организаторот на патриотската проруска манифестација „Бесмртниот полк“ во естонската престолнина Талин. Идентификувана е и девојката којашто го донела подарокот статуетка којашто му ја предала на Татарски, а која ја предизвикала експлозијата.
Пригожин во видеото истовремено прецизира борците на „Вагнер“ ги освоија централниот кварт на Бахмут и јужните делови на градот, дека од правен аспект градот е заземен, како и дека „сѐ уште има непријателски сили“ во западните области од градот.
„Сега е 2-ри април точно во 23.00 часот. Зад мене е зградата на градската управа (на Бахмут). Ова е руското знаме посветено на убиениот Владлен Татарски. На ова знаме пишува „По добро ќе те паметиме““, вели Пригожин.
Основачот на „Вагнер“ додава дека командантите на единиците на руските трупи, кои ја презеле градската управа и целиот централен округ, „ќе носат и креваат знамиња“…
Во саботата, американскиот Институт за проучување на војната повикувајќи се на свои извори објави дека знамето на „Вагнер“ било истакнато во центарот на Бахмут „на неколку блока“, поточно на околу 400 метри од зградата на градската управа.
Минатата среда во интервју за агенцијата Associated Press украинскиот претседател Володомир Зеленски, меѓу другото, рече дека доколку украинската војска претрпе пораз во Бахмут, властите во Киев набрзо ќе се соочат со притисок од меѓународната заедница.
Последните месеци западните воени аналитичари почнаа да ја менимизираат важноста на Бахмут, наспроти претходните нивни тврдења и тврдеа дека руската војска изгубила десетици војници во борбите за градот. Во март американскиот весник The Wall Street Journal објави дека украинските офицери признаваат дека во борбите со руските сили последните месеци кај Бахмут, еден од трите градови кои сѐ уште се под контрола на Киев во одметнатиот проруски источен регион Доњецк, тешки загуби претрпеле неколку од најобучените единици на украинската војска. Уште во декември американските медиуми пишува дека Вашингтон ги советувал украинскиот државен и воен врв да ги повлечат преостанатите единици од градот Бахмут и да ги сочуваат за планираната пролетна противофанзива.
Руските воени аналитичари наведуваат дека самите власти во Киев го претвориле Бахмут (Артемјовск, на руски) во еден симбол, што може да претставува нивна „трагична грешка“. Бахмут се наоѓа на 55 километри североисточно кон централна Украина од милионскиот град Доњецк, во северниот дел од истоимениот регион крај местото Горловка. Станува збор за важен логистички центар за украинската групација војски во целата област Донбас. Бахмут се наоѓа и на главниот патен правец кон градовите Славјанск и Краматорск, и двата во индустрискиот регион Донбас, а од нив се отвора простор за руско напредување кон централна Украина.
Основачот на приватната воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, чиишто борци го носат најголемиот товар на неколкумесечните руски настојувања целосно да го стават по своја контрола Бахмут, изјави минатата седмица дека битката за овој град била внимателно планирана уште минатото лето и оти руските единици систематски дејствуваат по зацртаниот план.
Признавајќи притоа дека во битката за Бахмут која трае веќе шест месеци „Вагнер“ претрпел значителни загуби, Пригожин исто така оценува дека во текот на овие борби украинската војска претрпела загуби од кои е практично уништена.
„Доколку ‘Вагнер’ изгине во бахмутската мелница за месо и со себе ги однесе украинските сили заедно со странското оружје и ѝ овозможи на руската армија да оди натаму и да ги заштити интересите на Русија, тоа значи дека ние ја исполнивме нашата историска улога. И тука можеме да ставиме точка“, рече Пригожин.