ВИДЕО| Пригожин во видео снимка објави заземање на Бахмут

Шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Прикожин изјави во саботата дека неговите борци ја преземале целосната контрола над градот Бахмут (Артјомовск на руски), на границата од доминантно рускиот украински југоисточен регион Доњецк, кој беше сцена на најдолгата и најкрвава битка во војната Украина која започна на крајот од ланскиот февруари со инвазијата на руските трупи во соседната земја.

Агенцијата Reuters, која ја пренесува веста за објавата на Пригожин, истакнува дека ова тврдење сѐ уште не може да го потврди од независни извори.

Руските новински агенции, пак, го објавуваат видеото со изјавата на Пригожин, кој стои пред борци кои го развиваат руското знаме и транспаренти на паравојската „Вагнер“.

„Денеска во 12 часот Бахмут е целосно заземен. Го заземавме целиот град, секоја куќа“, вели Пригожин додавајќи операцијата за „ослободување“ на Бахмут траела 224 дена, како и дека неговите сили од градот ќе се повлечат на 25-ти мај, поради одмор и прегрупирање.

Додаде дека „Вагнер“ контролата над градот ќе му ја препушти на руското Министерство за одбрана, кое засега не се огласи.

Сѐ уште нема коментар од украинската страна, посочува Reuters.

Претходно деновите германскиот весник Bild, и покрај, тврдењата на Киев дека украинските трупи напредувале во Бахмут потиснувајќи ги руските единици од нивните позиции, навести дека градот би можел да биде заземен од руските сили уште во текот на овој викенд.

Претходно денеска борец на „Вагнер“ за руската агенција РИА изјавил дека јуришните единиците тргнале во напад врз патот кој го контролирале украинските сили кај блиското село Ивановскоје, кое така станало „целната линија“ на борбите за Бахмут.

Негов соборец рекол дека во текот на изминатото деноноќие руските сили ослободиле приградска населба, принувудвајќи го противникот да се повлече на резервни позиции.

Пригожин натаму во видеото им се заблагодарува на генералите Сергеј Суровикин и Михаил Мизинцев кои „дадоа можноста за спроведување на оваа тешка (болна) операција“.

„И му благодарам на (рускиот претседател) Владимир Владимирович Путин што ни ја даде оваа можност и голема чест да ја го заштитиме нашата татковина“, додава Пригожин.

Изминатите седмици западните медиуми објавуваа видео пораки на Пригожин кој тврдеше дека руската војска се повлекува од Бахмут, и остро го критикуваше воениот врв и Министерството за одбрана дека не му доставува муниција заканувајќи се со повлекување на борците на „Вагнер“ кои се покажаа како клучни во битката за градот. Исто така, беше пренесувано дека остро го критикува претседателот Путин, обраќајќи му се со погрдни споредби.