ВИДЕО| Приведена осомничената жена за убиството на рускиот воен блогер

Жената осомничена за убиство на познатиот руски воен блогер Владлен Татарски е приведена, објави Истражниот комитет на земјата.

Рускиот Национален антитерористички комитет убиството го опиша како „терористички напад“, оркестриран од Украина. Според Комитетот, Киев користел „поединци кои соработувале со Фондацијата за борба против корупцијата на Алексеј Навални“ за извршување на нападот. Официјалните лица ја опишаа осомничената Дарја Трепова, која беше приведена во понеделникот, како „активен поддржувач“ на Фондацијата на Навални.
Навални, борец за борба против корупцијата и опозиционер, ја основа Фондацијата за борба против корупцијата во 2011 година. Организацијата беше означена од властите како „екстремистичка“ и забранета во Русија во 2021 година. Навални моментално отслужува затворска казна за проневера. Тој ги обвини руските власти дека се обиделе да го отрујат откако ненадејно му се слоши на домашен лет во 2020 година. Кремљ негираше каква било вмешаност во инцидентот.

Татарски, чие вистинско име беше Максим Фомин, беше домаќин на средба со обожаватели во кафуле во центарот на Санкт Петербург во неделата вечерта, кога експлодираше бомба. Тој загина на местото на настанот, а беа повредени повеќе од 30 луѓе. Сведоците рекоа дека една млада жена му подарила на Татарски фигурина непосредно пред експлозијата.

Роден во Донбас, Татарски им се придружи на локалните сили за да се бори против украинските трупи по државниот удар во Киев во 2014 година. Тој стана истакнат блогер, покривајќи го руско-украинскиот конфликт на својот канал Телеграм и објавувајќи пораки од бојното поле. Напишал и неколку книги на оваа тема.

Според веб-страницата Фонтанка, Трепова била приведена во стан во Санкт Петербург, кој му припаѓал на пријател на нејзиниот сопруг. Таа имала авионски билет за лет до Узбекистан.

Руското Министерство за внатрешни работи во понеделникот објави видео на кое се гледа како Дарја Трепова зборува со безбедносните сили по нејзиното апсење.
Во клипот, Трепова признава дека ја „внела статуетката што експлодирала“ во кафулето, при што го убила блогерот, чие вистинско име е Максим Фомин, и повредила 32 лица.

На прашањето дали разбира зошто е приведена од органите на редот, осомничената вели дека тоа било „зашто била на местото каде што бил убиен Владлен Татарски“. 26-годишната Трепова, исто така, вели  дека „ќе каже подоцна“ од каде ја набавила фигурата.

Трепова, наводно, разменила СМС пораки со Татарски и присуствувала на други настани на кои тој учествувал. Еден нејзин пријател за руските медиуми изјавил дека Трепова планирала да ја напушти земјата и да отпатува за Украина.

Во август 2022 година, новинарката Дарја Дугина, која ја поддржуваше руската офанзива против Украина и го покриваше конфликтот, беше убиена кога експлодираше автомобил што го возела. Москва ја обвини Украина за организирање на нападот, иако Киев негираше каква било вмешаност. Дугина беше ќерка на писателот и филозоф Александар Дугин, кој западните медиуми го опишуваат како влијателен идеолог на рускиот национализам.