На патот Подгорица-Никшиќ се случил инцидент кога група граѓани се обиделе да спречат премин на службено возило на Владата на Црна Гора.
Собраните, во обид да спречат минување на возилото, се качиле на него, но тоа не запрело, туку продолжило и соборило неколку лица.
Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, објави дека неговата ќерка се наоѓала во автомобилот.
„Како татко, нема да ги заборавам нејзините солзи и страв. Како премиер, нема да ви дозволам дивјаштво и беззаконие. Во земјата ќе има ред и закон на кој не сте навикнати. Наскоро ќе го видите тоа”, објави Кривокапиќ на својот профил на Твитер.
Полицијата не дозволува да поминат граѓаните, кои се упатиле кон Подгорица, без валидна документација.
Членови на Патриотско-комитскиот сојуз се собраа пред зградата на Владата да протестираат против најавената владина одлука за промена на одлуката за државјанство и на Законот за престој.
Одлуката за измена на критериумите за стекнување црногорско државјанство, која планира да ја донесат властите, предвидува сите граѓани што со прекини престојувале во Црна Гора 10 години да имаат право да се стекнат со државјанство. Постојниот закон предвидува дека тоа е можно само за оние што непрекинато 10 години живееле во Црна Гора.
Новата одлука привремено е повлечена додека за неа да се изјасни парламентарната комисија за изборно законодавство.