ВИДЕО| Првпат успешно лансирана ракетата „New Glenn“ на Џеф Безос

Американската вселенска компанија „Blue Origin“ во четвртокот првпат успешно ја лансираше својата најголема ракета „New Glenn“ во орбитата на Земјата, што треба да претставува пресвртница за основачот на „Amazon.com“, Џеф Безос и дава вистинска конкуренција на конкурентската компанија „SpaceX“ на Илон Маск.

Висока 98 метри, приближно со големина на зграда од 30 ката, ракетата „New Glenn“ успешно полета околу 02,03 часот по локално време (07:03 GMT) од вселенската станица Кејп Канаверал на Флорида и покрај временските услови кои не беа идеални.

Првиот лет на моќната ракета се очекуваше со години и неколкупати беше одложуван, а во понеделникот дури беше откажан во последен момент поради технички проблем. Но, ако мисијата оди според планот, се очекува „New Glenn“ да стигне до орбитата, што е првпат за приватната вселенска компанија основана во 2000 година.

„Сè што е повеќе од тоа е бонус“, изјави Дејвид Лимп, извршен директор на „Blue Origin“.

Иако компанијата веќе неколку години носи туристи во вселената со својата ракета „ New Shepard“, таа сè уште нема изведено ниту еден орбитален лет. Сега, со многу помоќната „New Glenn“, има намера да се пробие на новиот пазар за лансирање комерцијални и воени сателити во орбитата, како и вселенски летала и астронаути, и на тој начин да се натпреварува со „Space“X, во сопственост на друг американски милијардер, Илон Маск.

Неговата компанија моментално доминира на пазарот со ракетите „Falcon 9“ и „Falcon Heavy“ и работи на развој на нова, најголема ракета некогаш создадена. И таа мега-ракета, наречена „Starship“ подоцна во четвртокот, треба да го изврши својот седми пробен лет по доцнењето во среда, доколку временските услови тоа го дозволуваат.

Ракета за повеќекратна употреба

Џорџ Нилд, претседател на компанија која промовира приватни вселенски активности, смета дека лансирањето на „New Glenn“ е добра вест за целиот вселенски сектор, бидејќи „добро е да се има конкуренција, да се има опција за избор“.

„Ова е исклучително значајно за комерцијалната вселенска индустрија, но и за владата и NASA“, бидејќи не само што ги намалува трошоците, туку нуди и план Б „во случај на проблем со уредот“, објасни тој за AFP пред летот.

Оваа инаугуративна мисија „New Glenn“ се очекува да трае шест часа.

„New Glenn“ e ракета за повеќекратна употреба. Нејзината прва фаза се напојува со мотори BE-4 кои се напојуваат со течен природен гас и течен кислород. „Blue Origin“ претходно успеа да ја приземји својата ракета Њу Шепард на копно во Тексас, но овојпат ќе се обиде со контролирано слетување на првата етапа на платформа во море – деликатен маневар сличен на оние што ги изведува „SpaceX“.

По одвојувањето, моторите BE-3U на горната етапа, кои користат течен кислород и водород, лансираат до 45 метрички тони носивост во ниската орбита на Земјата.

Станува збор за беспилотна мисија, а нејзината носивост го вклучува „Blue Ring Pathfinder“ кој содржи комуникациска низа, енергетски систем и компјутер за летање. „Blue Origin“ планира да го тестира вселенското летало „Blue Ring“, кое ќе овозможи идни мисии со полнење гориво, пренос на податоци и ткн „компјутерство во облак“ (cloud computing).

Доколку ова лансирање биде успешно, дополнителни летови на „New Glenn“ се очекуваат во 2025 година.

„Blue Origin“ веќе има потпишано договори со неколку клиенти, меѓу кои и американската вселенска агенција NASA која ќе го користи за беспилотна мисија на Марс и американската влада која ќе го користи за мисии за национална безбедност.

Од комерцијална страна, „Blue Origin“ планира да лансира интернет сателити за неколку компании, а како и „SpaceX“ со „Starlink“, треба да биде одговорен и за лансирање сателити од групата „Amazon“. Џеф Безос и Илон Маск, двајца од најбогатите луѓе во светот, се исто така ривали во сателитскиот интернет простор.