Боливискиот претседател Луис Арсе го разреши шефот на боливиските вооружени сили, генералот Хуан Хозе Зунига, обвинувајќи го за обид за државен удар, а боливиските власти го уапсија, објави ноќта кон четвртокот според средноевропско време боливиската државна телевизија.
Зунига бил уапсен и принуден да влезe во полициско возило додека зборуваше со новинарите пред касарна. „Уапсени сте генерале!“, му рекол министерот за внатрешни работи Џони Агилера.
Засега не се знае каде е одведен Зунига.
Претходно, армијата под команда на Зунига донесе оклопни возила и војници на централниот градски плоштад во Ла Паз во обид за државен удар и упад во претседателскиот дворец.
Регионалните и меѓународните челнции го осудија обидот за пуч, повикувајќи на почитување на демократијата и легитимно избраните власти.
Во претседателскиот дворец, новиот шеф на вооружените сили Хозе Вилсон Санчез, положи заклетва пред претседателот, кој повика на враќање на редот и мирот.
Тензиите се зголемуваат во Боливија пред општите избори во 2025 година, при што левичарскиот поранешен претседател Ево Моралес планира да се кандидира против својот поранешен сојузник Арсе, што поттикна голем раскол во владејачката социјалистичка партија и политичка неизвесност.
Некои не сакаат враќање на Моралес, кој владееше од 2006 до 2019 година, кога беше соборен со масовни протести и заменет со привремена конзервативна влада. Арсе, со поддршка на Моралес, потоа победи на изборите во 2020 година.
Зунига неодамна рече дека Моралес не треба да може да се врати како претседател и му се закани дека ќе го блокира ако се обиде, што го натера Арсе да го отстрани Зунига од функцијата.
Пред нападот на претседателскиот дворец, Зунига им се обрати на новинарите на плоштадот и зборуваше за наводно зголемениот гнев во земјата, која се бори со економски пад, со исцрпени резерви на централната банка и притисок врз боливиската валута, бидејќи извозот на гас пресушува. Тој повика и на промена на власта.
„Престанете да уништувате, престанете да ја осиромашувате нашата земја, престанете да ја понижувате нашата армија“, рече Зунига опкружен со војници, инсистирајќи дека преземената акција е поддржана од јавноста.
Конзервативните политички противници на владејачката партија, исто така, ја осудија преземената воена акција, вклучително и поранешната претседателка Жанин Ањез, која е во затвор од 2022 година.
Целосно ја отфрлам мобилизацијата на армијата на плоштадот Муриљо и обидот да се уништи уставниот поредок“, напиша таа на мрежата Х „Партијата MAS со Арсе и Ево мора да биде отстранета на изборите во 2025 година. Ние Боливијците ќе ја браниме демократијата“, додаде таа.