Рускиот претседател Владимир Путин го посети борбениот штаб на руската војска на боиштето во југоисточниот украински регион Херсон, кој ланското лето организираше референдум со кој руското и рускојазичното мнозинство гласаше за придружување на Русија, што Киев и меѓународната заедница не го признаваат и го сметаат за незаконско руско анектирање на украинска територија.
Како што објави во вторникот утрото Кремљ, Путин присуствувал на состанокот на борбената команда на регионот Херсон за да се запознае со извештаите на командантите на воздушно-десантните сили и на армиската група „Дњепар, како и другите високи офицери за ситуацијата во регионите Херсон и Запорожје кои влегоа во составот на Русија.
Покрај тоа, рускиот претседател го посетил и штабот на групацијата војски на Националната гарда „Исток“ во регионот Луганск, кој прогласи независност по превратот во Киев во 2014 година.
На состаноците Путин побарал од командантите и другите офицери да ги искажат своите мислења и да разменат информации за ситуациите на боиштата во Херсон и Запорожје.
„Не сакам да ве оттргнам од вашите непосредни должности поврзани со водењето на војските, затоа работиме тука, кратко но конкретно. За мене е важно да го слушнам вашето мислење за тоа како се развива ситуацијата, да ве слушнам, да размените информации“, рече Путин во снимката која ја рашири Кремљ.
Притоа побарал од командантот на воздушно-десантните сили, генерал-полковникот Михаил Теплински да го изложи своето видување на состојбата на фронтот.
„Познато ми е дека по налог на началникот на Генералштабот и министерот за одбрана (Теплински) на линијата на фронтот беше доста долго, направи многу детален извештај, кој е високо оценет…“, рекол Путин.
Во ноември руските трупи проценувајќи дека е тешко да се брани поради географската позиција, тактички се повлекоа од регионалниот центар градот Херсон кој го заземаа уште во првите денови на руската инвазија започната на 24-ти февруари 2022 година, и минаа во другиот дел од градот на спротивниот брег од Дњепар каде се утврдија очекувајќи ја најавената украинска противофанзива.
Кремљ не прецизираше кога се случиле овие посети, но истакнува дека Путин со хеликоптер долетал до седиштето на групацијата војски „Дњепар“, а потоа со автомобил стасал до командната позиција. Потоа повторно со хеликоптер долетал до седиштето на групата војски „Исток“.
Кон средината на март Путин одржа состанок во командниот штаб на, како што Москва ја нарекува „специјалната воена операција“, во Ростов на Дон, непосредно до границата со Украина, каде ги слушна извештаите на началникот на Генералштабот на руската армија, Валериј Герасимов и други високи офицери.
Претходно Путин допатува во југоисточниот пристанишен град Мариупол за кој до ланскиот мај се водеа жестоки борби со украинските специјални единици и по бројните жртви, вклучително и цивилни, беше речиси целосно разорен. Таму рускиот претседател ги посети градилиштата за обнова на овој до пред војната половина милионски град кој до 2015 година го држеа под контрола проруските бунтовници од Луганск пред да бидат потиснати од силите лојални на Киев.
Путин между штабами перемещался на вертолёте pic.twitter.com/yE5ZJfuLQC
— Кремлевский пул РИА (@Kremlinpool_RIA) April 18, 2023