Рускиот претседател Владимир Путин во четврток леташе со модернизиран хиперсоничен бомбардер Ту-160М, соопшти Кремљ.
Путин лета на модернизираниот стратешки ракетен носач „Ту-160М“, кој го носи името „Илја Муромец“. Рускиот претседател полетал од пистата на Казанската воздухопловна фабрика „С.П. Горбунов“, a рутата на летот, според објавата, е воена тајна.
Авионот „Ту-160М“ е модернизација на авионот Ту-160 („производ 70“, според кодификацијата на НАТО – Blackjack; неофицијалното руско име е „Бел лебед“). Тој е дизајниран за гаѓање цели со висока вредност во оддалечените области со нуклеарно и конвенционално оружје. Тоа е најголемиот суперсоничен авион во историјата на воената авијација и најтешкиот борбен авион во светот.
Претходниот ден, Путин прегледал таков авион во фабричката работилница и се качил во пилотската кабина. Ова не е првпат Путин да го преземе кормилото, а тој веќе летал и со бомбардер „Ту-160“ (претходната верзија, пред модернизацијата), пишува агенцијата ТАСС.
Таквите суперсонични авиони можат да носат нуклеарно оружје и се елемент на таканаречената нуклеарна тријада на Руската Федерација.
Гигантскиот авион со променлива геометрија на крилата е значително модернизирана верзија на бомбардерот од советската ера што СССР би го испратил во случај на нуклеарен конфликт со Западот и потреба од пренос на нуклеарно оружје на долги растојанија, пишува Reuters.
Стратешкиот бомбардер „Туполев Ту-160М“ може да понесе 12 крстосувачки ракети и 12 проектили со нуклеарни боеви глави со кус дострел, а може да прелета 12.000 километри без полнење гориво.
Путин и авијацијата
Владимир Путин својот прв лет на борбен авион го изведе додека ја извршуваше премиерската должност, во траење од 10 минути со инструктор на јуришен авион „Су-25УБ“ во октомври 1999 година. Тоа се случи за време на неговата посета на базата за обука во Вишата авијациска школа во Краснодар.
Следниот пат, во март 2000 година, Путин веќе како на в.д. Претседател на Руската Федерација леташе од Краснодар до Грозни на местото на копилотот на ловецот-пресретнувач „Су-27УБ“.
Во август 2005 година, рускиот претседател првпат полета со стратешки бомбардер „Ту-160“ од аеродромот Чкаловски, во Московски регион, до областа во која се одржуваа стратешките вежби на авијација со долг дострел и Северната флота на полуостровот Кола.
Во август 2010 година, тогаш рускиот премиер Владимир Путин учествуваше во гаснењето на шумските пожари во регионот Рјазан од амфибиски противпожарен авион „Бе-200“. Во текот на получасовнит лет, беше на местото копилот во пилотската кабина и го контролираше внесот на вода од реката Ока и нејзиното испуштање врз запалените шуми во околината на Рјазан.
Во септември 2012 година, сега како руски претседател, Путин на летот на состанокот на светските челници на организацијата APEC во Владивосток, на рускиот Далечен исток, учествуваше во проектот за спасување на сибирските жерави во Јамал. Изведе три лета со моторизирана едрилица, во која сибирски жерави од резерватот требаше да го препознаат водачот на жеравското јато.