ВИДЕО| Путин: Русија работи на ослободување на заложниците во Газа

Рускиот претседател Владимир Путин им кажа на лидерите на руската еврејска заедница во средата дека Москва постигнала „конкретни резултати“ во дипломатските напори за ослободување на заложниците во Газа, пренесоа руските новински агенции.

Новинските агенции објавија дека Путин ова го рекол на средба со главниот руски рабин Берл Лазар и шефот на Федерацијата на еврејските заедници Александар Бороде. Путин рекол дека Русија ги искористила своите контакти со политичкото крило на палестинското движење Хамас.

Израел ја започна својата воена офанзива откако милитантите на Хамас во напад без преседан според координацијата, масовноста и бруталноста го нападнаа јужниот дел на Израел на 7-ми октомври, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи 253 заложници.

„Знаете, отккао ситуацијата стана понапната на Блискиот исток, Русија прави сѐ за да им помогне на заложниците“, го цитираат руските медиуми зборовите на Путин.

„Како што е познато, нашето Министерство за надворешни работи работеше преку политичкото крило на Хамас и глобално имаше конкретни резултати“, додал рускиот претседател, но медиумите не пренесуваат поединости.

Русија, којашто го осуди бруталниот напад на Хамас, ја повтори својата поддршка за палестинската државност и ја критикуваше неоправданоста за страдањето на палестинското цивилно население во израелската офанзива во Појасот Газа.

Москва оценува дека насилството на Блискиот исток е одраз на неуспехот на американската политика во тој регион. Претходно Путин изјави дека ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хамас е јасен пример за неуспехот на политиката на САД. Според него, Вашингтон промовира свои идеи за решавање на состојбите на  Блискиот исток и врши притисок врз Израел и Палестина.

Путин рече дека напорите на Москва се насочени кон помош на руските граѓани, но и на „повозрасните лица и членовите на нивните семејства кои го преживеале хлокаустот“.

„Ние, се разбира, пред сè, обрнуваме внимание на граѓаните на Русија, но не само на граѓаните на Руската Федерација – туку и на граѓаните на другите земји. Ова исто така важи и за постарите луѓе и членовите на нивните семејства кои поминале низ холокаустот“, нагласил Путин.

„Веќе има одредени резултати, но јас разбирам и знам дека овие напори мора да продолжат“, истакнал Путин. „Тоа е она што го правиме, и сакав да разговарам за деталите од оваа работа со вас“, им се обратил Путин на претставниците на еврејската заедница во Русија која има нејзин национално-територијален ентитет (Еврејски автономен регион), но бројот на Евреите силно е опаднат особено во првите години од постоветскиот период кога имаше масовно иселување во Израел.

Претходно во средата, заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Вершинин изјави дека Москва е во контакт со сите страни во конфликтот во врска со ослободувањето на заложниците во Појасот Газа.

На почетокот од февруари, израелската амбасадорка во Москва, Симоне Халперин рече дека Израел бара од Русија и од претседателот Путин лично да помогнат и да ги направат сите можни напори за ослободување на заложниците кои ги држат во заробеништво членовите на палестинското движење Хамас. Таа посочи дека Руската Федерација има влијание и способност да вложи труд во тоа и успешно да ја заврши задачата.

Повикувањето на Путин за преживеаните од холокаустот дојде еден ден откако руското Министерство за надворешни работи ја критикуваше израелската амбасадорка Симона Халперин за нејзините „непримерни изјави“ за рускиот весник Комерсант.

Халперин во интервју рече дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го минимизира холокаустот и дека Русија е „премногу пријателска“ кон Хамас.