ВИДЕО| Путин вели дека руската војска прави „тампон зона“ близу Харков каде се погодени команден пункт и странско оружје

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во петокот дека руските сили кои напредуваат во украинската област Харков со прережно руско рускојазично население создаваат „тампон зона“ за заштита на пограничните области на Русија од ударите на украинската војска и дека самото заземање на градот Харков не е дел од сегашниот план на Русија.

Путин на прес-конференција за време на неговата посета на Кина рече дека сегашната офанзива врз украинскиот регион е одговор на украинските напади врз пограничните области, вклучувајќи го и градот Белгород каде често страдаат цивили и цивилна инфраструктура.

„Таму умираат цивили. Тоа е очигледно. Гаѓаат директно во центарот на градот, во станбени населби. Јавно кажав дека доколку тоа продолжи, ќе бидеме принудени да создадеме безбедносна, тампон зона. Тоа е она што го правиме сега“, рече рускиот претседател одговоарајќи на новинарско прашање.

На прашањето дали руските сили планираат да го освојат блискиот Харков, вториот по големина украински град и најважен центар за воено-индустркискиот комплекс, Путин одговори: „Што се однесува до Харков, во моментов немаме такви планови“.

Од минатиот петок руските сили започнаа со жестоки напади на мали борбени групи во пограничната област на Харков и, според признанија и на украинската војска, оствариле извесни напредување на теренот освојувајќи најмалку девет населени места во областа.

Претходно во четвртокот вечерта, највисокиот командант на НАТО во Европа, американскиот генерал Кристофер Каволи, изјави дека не верува дека руската војска распоредила доволно војници за стратешки пробив во регионот околу Харков во североисточна Украина, како и дека е уверен дека украинските сили ќе ги задржат своите линии во регионот.

„Русите ги немаат потребните бројки за стратешки пробив. Што е уште поважно, тие немаат вештина и способност да го сторат тоа, да дејствуваат на потребното ниво за да го искористат секој пробив во стратешка предност. Тие имаат способност да постигнат локален напредок и тие направија дел од тоа. Тие исто така направија и некои локални загуб“, тврдеше Каволи на прес-конференција во седиштето на НАТО во Брисел по состанокот на воените команданти од целиот трансатлантски сојуз.

Меѓутоа, претходно во четвртокот Киев потврди дека ги повлекол единиците кои од другите делови на 1.200 километри долгиот фронт ги упати за одбрана на Харковскиот регион, наведувајќи дека се префрлиле на подобри одбранбени позиции со цел да се спасат животите на војниците.

Во петокот руското Министерство за одбрана објави, проследено со водие-материјали, дека руските ракетни сили со моќни проектили „Искандер“ во изминатите два дена погодиле команден центар на украинските сили и локација на концентрација на западно оружје во Харковската област.

Комплексот „Искандер“, е високопрецизно оружје со дострел до 500 километри. Боевата глава на ракетата може да уништи големи цели како непријателски командни пунктови, колони опрема, системи за противвоздушна одбрана.

Според Москва, оператовните-тактички ракетни сили од групацијата Запад кои се борат во Украина во четвртокот погодиле место на коешто била концентрирана воена опрема којашто на Киев му ја испорачале западните сојузмници, а ден подоцна, исто така, со ракета „Искандер“ во близина на градот Харков бил погоден и „целосно уништен“ команден пункт на 302-та противвоздушна ракетна бригада на украинските вооружени сили. Според непотврдените извештаи на руската војска, во вториот напад било уништено и складиште со муниција со оклу 50 војници. Во четвртокот и двете завојувани страни известија дека се водат жестоки борби за селото Липци, кое има статешка позиција во одбраната на Харков.