Украинските диверзанти кои претходно во четвртокот утрото се обидоа да продрат во областите на Белгород и Курск кои граничат со Украина, се успешно спречени од страна на руските безбедносни сили, објави попладнето руското Министерство за одбрана.
Набргу по најновите извештаи за појава на вооружените групи на руска територија во четвртокот утрото, жителите на Белгород пријавија експлозии. Министерството за одбрана и гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, се огласија на нападите со беспилотни летала и ракети и рекоа дека тие биле одбиени. Исто така, во официјално непотврдените информации, се споменуваше дека една жена е убиена, а неколку луѓе се ранети, извести германската новинска агенција DPA.
Според министерството, еден од обидите за продирање на руска територија во Белгородската област бил изведен крај селото Сподарјушино.
„Како резултат на воздушните удари и артилерискиот оган, уништени се до 195 војници, пет тенкови, четири борбени оклопни возила, три самоодни ракетни системи и три возила за инженерско расчистување и деминирање“, се тврди во објавата на Москва.
Во истиот период, припадниците на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), Националната гарда и руската војска, го спречиле повторениот обид на украинските диверзанти да навлезат кај селото Теткино во Курската област, која исто така, граничи со Украина.
Од 10-ти март ова е веќе трет обид на диверзантски групи од Украина да продрат на територијата на Русија во периодот кога се одржуваат руските претседателски избори и со наводни „руски партизани“ да предизвикаат во западната јавност привид за бунт против рускиот претседател Владимир Путин.
Во вторникот, 12-ти март, украински единици по интензивното гранатирање на цивилни цели на руска територија се обидоа со поддршка на тенкови и борбени оклопни возила да влезат, исто така, кај Белгород. Тогаш стратегијата беше истовремено да се изврши напад во три правци, а тој ден биле извршени четири такви обиди, според руската војска. Според податоците и снимките кои ги објави тогаш Министерството за одбрана, само во вторникот буел убиени 234 украински диверзанти, а биле уништени и седум тенкови, оклопни борбени возила „Bradley“ од американско производство и два оклопни транспортери.
Претходно во четвртокот западните медиуми, повикувајќи се на објави на социјалните мрежи, објавија дека таканаречените Руски доброволечки корпус и Руската легија на слободата, најавија напади врз регионите Белгород, Курск и Брјанск. Станува збор за единици во кои има Руси осудени во матичната држава за неонацизам и екстремизам, кои побегнале во странство, а во Украина се обучувани за изведување диверзии во Русија од офицери на западните земји. Овие единици, исто така, се составени и од странски платеници, според снимките коишто ги објавија руски воени блогери од пресретната комуникација и искази на заробени западни диверзанти.