ВИДЕО| Редок метеорит кој падна во близина на Берлин е стар 4,5 милијарди години

Метеоритот кој падна на Земјата во близина на Берлин во јануари годинава е стар околу 4,5 милијарди години и припаѓа на ретката класа на аубрити, напишаа научниците во написот објавен во списанието Meteoritics & Planetary Science.

Малиот астероид 2024 BX1 согоре во атмосферата во близина на Берлин на 21-ви јануари, во спектакуларна глетка на небото. Фрагментите паднале на земја во областа Хавеланд во Бранденбург, која ја опкружува германската престолнина, а многу од нив се собрани од научници и колекционери.

Приближно 202 фрагменти со вкупна тежина од 1,8 килограми се пронајдени во поле во близина на бранденбуршките села Рибек, Берге и Лицов, расфрлани на површина од 1,5 на 10 километри. Научниците го нарекоа метеоритот Рибек по местото каде што е пронајден.

Студијата на истражувачите предводени од Институтот за планетологија на Универзитетот во Минстер, која беше објавена во списанието, откри дека Рибек припаѓа на исклучително ретка класа аубрити кои се богати со магнезиум и силициум.

Рибек има посебен статус во рамките на оваа ретка класа, бидејќи содржи исклучително висок процент на силикатен минерал фелдспат, открија научниците.

Истражувачката група претпоставува дека матичното тело на Рибек е старо околу 4,5 милијарди години и дека потекнува од астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер.

Научниците ја објаснија и причината зошто фрагментите мирисаат силно на водород сулфид, слично на мирисот на расипани јајца: хемиските реакции меѓу минералите и влагата го предизвикаа мирисот и ја промениле минералогијата на карпата.