
Еминентната светска ревизорска куќа „Price Waterhouse Coopers“ во својот последен извештај ги потврди пишувањата на „Лидер“ за лажниот стечај и финансискиот криминал во централата „ТЕ-ТО“, кој изнесува над 200 милиони евра.
Во декември 2019 година беше објавено дека преку бизнис-политичко-судска шема е направен криминал вреден вкупно 200 милиони евра, во кој оштетена е и државата.
Тогаш порталот „Лидер“ ја објави шемата за улогата на сите инволвирани во случајот.
Леонид Лебедев – Сопственик на „Битер-Холдинг“
Леонид Лебедев е олигарх од Русија кој според официјалните проценки тежи околу 1,2 милијарди американски долари. Во исто време, Лебедев е државјанин и на Кипар, каде што ја поседува компанијата „Битер-Холдинг“, која пак е сопственик на „Балкан Енерџи Груп“ и еден од сопствениците на централата „ТЕ-ТО“.
„ТЕ-ТО“ е основана во партнерство со „Топлификација“, која во скандалот кој го објавува „Лидер“ е оштетена за огромна сума пари.
Во овој софистициран криминал, преку лажниот стечај на „ТЕ-ТО“, Лебедев успева од Македонија да извлече повеќе од 150 милиони евра во својата фирма на Кипар и со тоа да им наштети на акционерите на компанијата „Топлификација“, која е косопственик на централата.
Зоран Заев – Претседател на владата на РСМ
И покрај лажниот стечај со кој се извлекоа пари, на седница на владата премиерот Зоран Заев одлучи на „ТЕ-ТО“ да му се простат долгови кон УЈП. Со ова државниот буџет е оштетен за околу 24 милиони евра.
Ова Заев го прави рамноправен соучесник.
Кочо Анѓушев – Заменик претседател на Владата на РСМ одговорен за економски прашања
Постојат индиции дека Анѓушев е еден од можените иницијатори за доделување на државната помош, објавува „Лидер“.
Тој преку неговата компанија „ЕДС“ (која во меѓувреме ја продаде), имаше потпишано ексклузивен договор за соработка со „ТЕ-ТО“ од каде што ја откупуваше струјата.
Според одлуката за стечај на „ТЕ-ТО“, една од причините за стечајот (за кој финансиска полиција тврди дека е лажен) е тоа што цените биле крајно неповолни. Според ова, тој најверојатно е дел и од шемата за извлекувањето на пари од „ТЕ-ТО“, пишува порталот.
Нина Ангеловска – Министер за финансии
Нина Ангеловска е надреден функционер во однос на Управата за јавни приходи, која прифаќа да се додели државна помош на „ТЕ-ТО“ АД со одложена наплата на долгот на „ТЕ-ТО“ АД.
Владимир Наумовски – Претседател на комисијата за заштита на конкуренција
Наумовски е човекот кој дал зелено светло за државна помош во „ТЕ-ТО“, односно за простување на долгот. Тој проценил дека со ова не се нарушува конкуренцијата, иако „ТЕ-ТО“ е на слободен пазар.
Одговорноста на комисијата е исклучително голема бидејќи државната помош е доделена на фирма која е учесник на пазарот на електрична енергија во државата и надвор од државата и додатно е учесник на пазарот на топлинска енергија во државата.
Сања Лукаревска – директор на управата за јавни приходи
Оваа институција е одговорна за наплата на даноците во РСМ и без согласност на оваа институција оваа помош не може да се реализира. Лукаревска го одолговлекувала наплаќањето на данокот за „ТЕ-ТО“ и со тоа овозможила тој данок никогаш да не се плати. Имено, според одлуката на владата тој данок треба да се плати за 9 години, но, Лукаревска претходно одолговлекувала, па така ќе дојдеме до цифрата од 10 години – што значи застарување на долгот.
Вилма Русковска – шеф на основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
И покрај кривичната пријава од Финансиска Полиција за лажен стечај и кривичните пријави од акционерите на „Топлификација“, Русковска не отвора случај и не ги гони сторителите на лажен стечај.
Сашка Трајковска – судија во стечајниот оддел на Основен граѓански суд Скопје.
Оваа судијка во еден ден пресудила дека „ТЕ-ТО“ треба да оди во стечај, но и да излезе од стечај со отпис на долгот кој централата го има кон „Топлификација“. Со ова практично се ограбува „Топлификација“, но и македонските даночни обврзници.