(ВИДЕО) Романците повторно протестираа против владата

Илјадници Романци во саботата повторно излегоа на улиците од престолнината Букурешт и во другите големи градови, за да го искажат незадоволството од владата на социјалдемократите поради раширената корупција, но и порад оцените за претерана употреба на сила од страна на полицијата во петокот кога беа повредени околу 450 демонстранти.

На многу од повредените морало да им се укаже медицинска помош откако вдишале солзавец кој го користеле силите за воспоставување на редот, додека други имале повреди од удари, според болнички извори. Медиумите пренесуваат дека се повредени повеќе од 450 луѓе, а триесетина се приведени по протестот против левичарската влада кој излегол од контрола во петокот вечерта во Букурешт. Поради тоа, во саботата повеќе демонстранти се заштитиле со хируршки маски, а на асфалтот ја испишале својата порака – „Оставка!“.

Австрискиот канцелар Себастијан Кур го осуди полициското насилство и побара објаснување за околностите во коишто се повредени и неколку новинари, додека известувале за австриската јавна телевизија ORF.

„Слободата на изразувањето и слободата на медиумите се темелните слободи на Европската унија коишто мора безусловно да бидат заштитени“, истакана канцеларот на Австрија којашто моментално претседава со ЕУ.

Критикувана од опозиција од десниот центар поради интервенцијата со мерки за присила, романската полиција одговори дека делувала „постепено и пропорционално“, како одговор на жестоките напади врз нејзините припадници од страна на неколку десетици хулигани. Триесетина полицајци, исто така, се повредени, од кои 11 се хоспитализирани, а во саботата шест лица од кои три полицајци и натаму биле во болница, но нивната состојба не е загрижувачка, рекле за медиумите болнички извори.

Романскиот претседател Клаус Иоханис, кој доаѓа од десниот центар и е во отворен судир со левото парламентарно мнозинство, остро ја критикуваше „бруталната и несразмерна“ интервенција на силите на редот и побара од државното обвинителство да отвори истрага. Претедателот ја обвини владата дека дејствува против интересите на граѓаните и ги обвини одговорните од социјалдемократската партија PSD, која е на власт, дека ја води земјата во хаос и безредија.

Директно прозваната министерка за внатрешни работи, Кармен Дан, тврдеше во саботата дека полицијата дејствувала во согласност со законот, додека ги заштитувала државните институции.

Околу 80.000 Романци, меѓу кои илјадници иселеници коишто специјално за оваа прилика се вратиле во татковината, некои и со децата, во петокот протестираа против „корупцијата“ на владата. Истакнаа дека, за жал, во Романија ништо не се изменило, дека нема модерни сообраќајници и училишта, и оти насекаде цути корупцијата,

Околу 4 милиони Романци, од вкупно 20 милиони, работат во странство, од кои половината во Италија и во Шпанија, според официјалните податоци. Во текот на минатата 2017 година, иселените Романци на семејствата во татковината им испратиле 4,3 милијарди евра, или близу 2,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на земјата, којашто е една од најсиромашните воопшто во Европа.

Светските медиуми потсетуваат дека во Романија последните година и половина редовно се одвиваат протести, а врвот беше во февруари 2017 година, кога според процените на улиците имаше половина милиони луѓе, но тогаш не беше забележан ниеден инцидент.

По враќањето на власт кон крајот на 2016 година, социјалдемократите започнаа голема реформа на правосудството којашто според оцените на критичарите во ЕУ претставува закана за независноста на судиите и им овозможува на политичките функционери да ги избегнат прогоните поради корупцијата.