ВИДЕО| Русија објави дека ликвидирала над 70 украински диверзанти на нејзина територија

Руските безбедносни сили соопштија во вторникот дека ликвидирала голема група украински диверзанти кои ден претходно ја нападнала пограничната област Белгород преминувајќи на руската територија од Украина, што е најголемиот упад на руската територија од почетокот на инвазијата во соседната земја.

„Во антитерористичката операција, со помош на воздухопловните сили и артилеријата, како и дејствување на единицата за заштита на границата на Западниот воен округ, украинските националистички формации се запрени и уништени“, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.

„Преостанатите националист се потиснати на украинска територија, каде што продолжуваат воздушните удари… сѐ до нивна целосна ликвидација“ се додава во објавата во која се истакнува дека откако биле блокирани убиени се „повеќе од 70 украински терористи“ а уништени се и четири оклопни борбени возила и пет пикап возила.

Засега оваа информација не може да се провери од независни извори, а Киев вообичаено не ги коментира таквите упади на руска територија освен што неговите функционери ги „поздравуваат“ преку објави на социјалните мрежи.

„Киевскиот режим, кој претрпе пораз кај градот Артјемовск, продолжи со терористичките акции против цивилното население. На 22-ри мај по интензивното артилериско гранатирање врз меѓународниот премин Козлинка, како и бројни други цивилни објекти во областа Граиворонски во Белгородската област, единица на украинската националистичка формација изврши упад на територијата на Русија“, се додава во соопштението на министерството.

Притоа се користи рускиот назив кој датира од советското време за источниот украински град Бахмут во прорускиот регион Доњецк, за кој во саботата Москва објави дека по деветмесечни борби го заземале целосно руските сили, а Киев негира.

Од рано утрото во понеделникот украинските сили отвориле масивен минофрлачки оган врз регионот на Белгород, во местата Грејворонски, Шекебински, како и урбаните населеното место Валјуски во областа на градот Белгород. Во Гејворонскиот округ биле ранети 12 цивили, а триесеттина куќи биле оштетени, според руската страна.

Регионалните власти објавија дека во областа сѐ уште на сила е противтерористичката акција, како и дека е започната истрага која ја води рускиот Истражен комитет кој вообичаено ги води истрагите од сферата на тероризмот и напади врз цивилни цели.

Киев ги отфрли обвинувањата дека стои зад овој досега најголем прекуграничен напад, и вели дека наводно го извеле руски дисиденти кои се противат на рускиот претседател Владимир Путин. Но не одговара на обвинувањата за вооружувањето и обуката на таквата наводна група.

Одговорноста за нападот на апликацијата Telegram ја преземала наводно група која се претставува како „Легија на руската слобода“ во која се борци кои се бореле наводно на украинска страна и која тврди дека стои зад некои претходни напади како наводниот „Руски доброволечки корпус“.

Русија признава дека има во редовите на украинските паравоени единици, кои добија по превратот во Киев во 2014 година статус на редовни воени групации, руски државјани приврзаници на неонацистичката идеологија, но тврди дека зад овие операции и објави на социјалните мрежи стојат украинската и западните тајни служби, во прв ред британската и американската.

Москва објави и дека непосредно пред упадот на украинските диверзанти над пограничната област кружел сателитот „GeoEje-1“ на приватната американска компанија Maxar, кој и претходно ѝ даваше податоци на украинската армија при слични напади, а пред инвазијата и во првите неколку седмици редовно објавуваше снимки од движењата и локациите на руските трупи. Руското Министерство за одбрана ова тврдење го поткрепува со фактот што на веб-страницата на компанија е објавена сателитска снимка на Белгородската област датирана со 20-ти мај.

Покрај тоа, според истиот извор, уште два американски сателита „Worldview-2“ и „Worldview-3“ на 5-ти и на 17-ти мај ја надлетувале и снимале подоцна нападнатата локација во Грајворонскиот округ.