![Russian Navy Day celebrated in Syria](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/04/6079575.jpg?resize=696%2C443&ssl=1)
Руската воена морнарица започна маневри во средата во Црното Море, во пресрет на најавенот впловување на американски борбени бродови во овие води, на што остро реагираше Москва предупредувајќи ги да избегнуваат да се приблужуваат на полуостровот Крим.
Воените маневри вклучуват групи на две воени фрегати од Црноморската флота, чиешто историско седиште е во Севастопол на Крим, а ќе бидат вклучени и хеликоптери и борбени авиони.
Два американски разурнувачи оваа седмица би требало да впловат во Црното Море, додека САД и НАТО изразуваат загриженост поради наводното зголемување на руските трупи на границите со Украина. Москва, пак, предупреди дека американските и силите на Алијансата се прекомандуваат на руските граници и порача дека движењето на руските трупи на руска територија е внатрешна работа на земјата.
Присуството на американските воени бродови во црноморскиот акваториум не е невообичаено, но секогаш предизвикува руска реакција. „Тоа не е ништо ново“, коментираше минатата седмица портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Русија во вторникот ги предупреди САД нивните воени бродови да не се приближуваат кон Крим „за нивно добро“, оценувајќи дека нивното испраќање во Црното Море претставува провокација чија цел е да ги тестира руските нерви.