Руското Министерство за одбрана објави во петокот дека неговата Црноморска флота увежбува ракетни напади врз цели на морската површина во рамките на вежбите за боево гаѓање, два дена откако Москва предупреди дека сите бродови коишто пловат кон украинските црноморски пристаништа ќе се претпоставува дека пренесуваат воена опрема а земјите под чии знамиња пловат тие бродови ќе се сметаат за директни учеснички во украинската војна.
Русија го издаде предупредувањето претходно седмицава откако во понеделникот се повлече од договорот за безбеден извоз на житарки од украинските пристаништа поради неисполнувањето на руските барања од договорот. Украина, исто така, предупреди дека ќе бидат сметани за легитимни цели сите бродови кои пловат кон пристаништата кои се под руска контрола во Црното Море.
Сето тоа ги поништи безбедносните гаранции за бродовите кои го превезуваат украинското жито, а за многу од нив Русија се сомнева дека всушност превезувале муниција и оружје за украинската војска. Новата ситуација во Црното Море резултираше и со откажување на аранжманите на осигурителните компании за пловилата и товарите во овој акваториум.
„Во согласност со планот за борбена обука на силите на Црноморската флота, екипажот на ракетниот чамец ‘Ивановец’ изведе боево гаѓање врз цел со противбродски наведувани проектили… Телеметриските податоци и видеонадзорот од беспилотните летала го потврдија успехот на вежбата, а гаѓаното пловило е уништено како резултат на ракетниот удар“, соопшти руското Минситерство за одбрана.
Во соопштението се наведува и дека морнарицата, исто така, изведувала увежбување на затворање на областите во кои е забрането пловењето, како и „фаќање на бродот нарушител“.