Рускиот војник кој стана познат по видео снимката од напад со украински дрон, којашто стана вирална на социјалните мрежи, е припадник на пешадијата од Ленинградската област, соопштија во средата локалните власти.
„Овие снимки под насловот ‘Рускиот војник е непобедлив’ го обиколија светот. Горди сме на храброста и реакцијата на нашиот сограѓанин, пешадинецот Алексеј од 139-та посебна моторизирана стрелечка бригада стационирана во селото Каменка во Виборскиот регион во Ленинградската област. Им благодариме на командантите за обуката! Многу среќа на сите борци на бригадата“, објавија на Telegram платформата локалните власти.
Пред неколку дена на социјалните мрежи се појави снимка на којашто се гледа како војник додека лежи во ров отфрла од себеси неколку гранати фрлени врз него од коптер (дрон). Автентичноста на снимката не може да се провери, но во медиумите и на социјалните мрежи има доста објави кои ја потврдуваат. Но нема податоци каде е снимена, и на кој начин е дојдено до неа.
Познатиот руски телевизиски новинар Владимир Соловјов на својот Telegram канал објави дека снимката е направен во близина на селото Малаја Рога пролетва. Тој, преживеаниот во нападот војник, го идентификува како Алексеј С., борец на 138-та посебна моторизирана гардиска бригада.
Во објавата се појаснува дека по извлекувањето на осигурувачот, гранатата се детонира за околу 3,2 до 4,2 секунди, време кое е пресметано за да може оној кој ја фрлил направата да се засолни на безбедно. Поради тоа, војникот имал веројатно помалку од две секунди да се ослободи од граната.