Досегашните испитувања на рускиот невидлив авион Т-50 одат одлично, па се очекува тој повеќенаменски ловец да почне да се произведува сериски во 2016 година.
Командантот на руската авијација генерал Виктор Бондјарев потврди дека вооружените сили авионот од петтата генерација ќе го добие најдоцна за две години.
Државните испитувања на југот на Русија во центарот Чкалов, се последна етапа пред добивање на дозвола за сериско производство.
Главниот конструктор Александар Давиденко вели дека Т-50 дури три пати потешко може да се види на радар од американскиот конкурент Ф-22. Поради тоа Русите на својот авион целото оружје го сместија во утробата. До сега компанијата Сухој во фабриката во Комсомолск на Амур направила пет авиони Т-50. Во споредба со претходните модели на руски авиони, Т-50 е чудо на техниката. Направен е од нови композитни материјали што го прават невидлив на противничките радари. Освен тоа, поголем ефект има во гаѓање на цели во воздух и на земја во било кое време во денот и ноќта и при тешки временски услови, пишува српски „Вечерње новости“ .
Државните испитувања почнаа минатата есен. По првите летови, најпознатиот руски пробен пилот, Сергеј Богда, беше полн со пофалби за новиот авион. Во однос на авионите од 4 генерација, тој има сосема нова електроника и најнов радар. Рускиот невидлив има систем за автоматско распознавање на цели, може да следи истовремено 60 цели и да гаѓа 20.
Првите десет авиони Т-50 ќе ги добие Центарот за обука на пилоти во Липецк, а потоа Министерството за одбрана ќе купи 60 авиони. Руската авијација во иднина сака да има 150 такви авиони. Русите имаат намера со Индија да прават извозна варијанта на Т-50. Индија има во план да купи 200 такви авиони.
Авионот од петта генерација Русите почнаа да го прават уште во 80-тите години од минатиот век, но поради економски проблеми проектот бил прекинат.
За време на СССР водечките авио-конструктори добиле задача да направат авион од 5 генерација кој би ги заменил МИГ-29 и СУ-27. Паралелно работеле две конструкторски бироа: МИГ го направи микојан 1.44, додека Сухој го предложи СУ-47. Распадот на СССР и сиромаштијата во Русија го спречија идниот ангажман во правење на авиони од 5 генерација.
Благодарение на промената на коњунктурата и цената на нафтата и гасот на светскиот пазар, во државниот буџет имаше повеќе пари, па претседателот Путин во 2002 година дал команда да се обнови работата на авионот на компанијата Сухој. Првиот руски авион од 5 генерација полета во јануари 2010 година, а во август 2011 година за прв пат граѓаните можеа да го видат на московскиот авио-салон Макс.
Еден час летање на американскиот Ф-22 раптор, чини околу 40.000 долари. Од техничката задача која била пред конструкторите на Т-50, се знае дека рускиот авион за еден час треба да троши помалку од 10.000 долари. Цената на авионот Т-50 е околу 100 милиони долари.