ВИДЕО| Руските резервисти вежбаат со оружје на НАТО

Мобилизираните руски резервисти, на воената подготовка во заднината на линијата на боиштето во Украина, се увежбуваат за примена, меѓу другото, со запленетите минофрлачи „АТ-4“ од шведско-американско производство, според видео материјалот кој во неделата го објави руското Министерство за одбрана.

На снимката може да се забележи дека еден од резервистите во текот на обуката гаѓа цел на полигонот од преносниот минофрлач „АТ-4“. Покрај тоа, агенцијата РИА известува дека мобилизираните резервисти се обучуваат со новите руски автомати „АК-12“.

Изминатите осум години и особено по руската офанзива во Украина, западните земји и многу членки на НАТО го снабдуваат Киев со противтенковски системи и рачни минофрлачи. Руските сили во текот на нивните борбени дејствија во југоисточните украински региони повеќепати известија дека заплениле оставени на боиштето американски противтенковски системи „Javelin“, британските NLAW, американските рачни минофрлачи „АТ-4“, германските „Panzerfaust 3“ и шведските „Карл Густав“.

Споменатиот рачен минофрлач „АТ-4“ заеднички го развија шведската компанија „SAAB Bofors Dynamic“ и американскиот концерн АТК. Монофрлачот е во вооружувањето на повеќе од 20 земји во светот, а според отворени извори произведени се повеќе од милион парчиња. Според истите извори, повеќе од 20.000 парчиња биле испорачани во Украина, околу 6.000 од САД и 15.000 од Шведска. Нема информации колку од нив дошле во посед на руската војска,

Од руското Министерство за одбрана за РИА рекле дека единиците со мобилизираните резервисти и доброволците интензивно се обучуваат на полигоните во заднината на позициите на проруските сепаратисти и руската војска на украинското боиште. Војниците ги обновуваат вештините за водење борбени дејствија, како дел од единици во услови на „урбан или индустриски терен, како и на нерамна конфигурација на теренот“, според истиот извор.