Најмалку 1.150 починати од Covid-19 во Индија само во изминатите неколку дена не се вклучени во службените владини податоци за пандемијата, што укажува на тоа дека вистинскиот број смртни исходи би можел да биде многу поголем, според резултатите од истрагата објавени во вторникот.
Воздушните снимки од масовните кремирања во областа на индиската престолнина Њу Делхи предизвикаа загриженост во земјата, но и во странство, дека вистинскиот број на починатите е многу поголем отколку што официјално ги соопштува владата.
Независната истрага на телевизиската мрежа NDTV со која била опфатени локални градски власти и седум крематориуми, утврдила дека стотици починати како последици на коронавирусот не се впишани во официјалниот список на жртвите во епидемијата во Индија.
Податоците на Градската корпорација на Делхи (MCD) од 26 крематориум покажуваат дека во периодот од 18-ти до 24-ти април изведени се 3.096 кремирања на забележани жртви на Covid-19. Меѓутоа, во истиот период локалната влада на Њу Делхи пријавила 1.938 починати од Covid-19, што значи дека 1.158 починати најверојатно не се преброени.
Причината за појавата на овие разлики во податоците засега не се познати. Едно од објаснувањата би можело да биде тоа што MCD ги бележи само телата кои се донесени од болниците како починати од Covid-19, додека оние кои умираат во домашни улови не се впишани во службените податоци.
„Како причина за смртта ги бележиме Covid-19 или нормална смрт. Доколку смртта се случила во болнички услови, знаеме дека е Covid-19. Кога смртта, пак, се случила во домашни услови, не знаеме со сигурност, па секогаш ја бележиме како вообичаена“, изјавил за NDTV Ануј Бансал, вработен во крематориумот Газипур.
Разликите меѓу официјалните податоци и вистнскиот број кремирани и починати од коронавирусот се разликуваат насекаде во Индија. Затоа владата на премиерот Нарендра Моди сѐ погласно е обвинувана дека ги прикрива вистинските податоци, за да го прикрие својот слаб одговор на епидемијата.
Друга слична истрага спроведена од медиумската платформа Mojo утврдила дека има отстапувања во двата податока во Газијабад, град недалеку од Њу Делхи во сојузната држава Утар Прадеш.
Брамар Мукерџи, професор по биостатистика и епидемиологија на Универзитетот Мичиген, смета дека вистинскиот број починати од Covid-19 би можел да биде два до пет пати поголем од оној кој го пријавува владата.
Во последните 24 часа, Индија во вторникот пријави 323.144 нови случаи на зараза со коронавирусот, што е под светскиот рекорд од 352.991 коронаинфекција во понеделникот, проследено со претурпаните болници кои веќе немаат слободни кревети и недостигот од медицински кислород за најтешките пациенти. Истовремено забележани се 2.771 нов смртен исход од болеста.
Со последните податоци, Индија која со 1,4 милијарди жители е втората најнаселене земја на планетата, од почетокто на пандемијата официјално до денеска регистрирала над 17,6 милиони зарази и над 198.000 смртни исходи.