Проектилот кој во четвртокот го истрела Северна Кореја е голем нов интерконтинентален балистички проектил (ICBM), известија во петокот севернокорејските државни медиуми, што треба да ја покаже нуклеарната моќ на земјата и да ги одврати САД од какви и да се воени намери.
Ова е првото севернокорејско лансирање на интерконтинентална балистичка ракета од 2017 година, и истовремено претставува кршење на резолуцијата на Советот за безбедност при ОН. Податоците за летот наведуваат дека проектилот летал повисоко и подалеку од кое и да е претходно тестирање, пред да падне во морето западно од Јапонија.
Севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун го наредил тестирањето на проектилот поради „секојдневните воени ескалации на и околу Корејскиот полуостров“, како и поради „неизбежноста од долгогодишна конфронтација со американските империјалисти следена од опасноста од нуклеарна војна“, пренесува државната новинска агенција KCNA.
„Пробното лансирање на новиот тип интерконтинентална балистичка ракета Хвасонг-17 на стратешките сили на Народна Република Кореја е изведено на 24-ти март по наредба на Ким Џонг-ун лично“, пренесе KCNA.
Наречен „Хвасонг-17“, овој интерконтинентален балистички проектил е најголемиот на течно реактивно гориво кој некоја земја кога и да е го лансирала од подвижен лансер, тврдат западите аналитичари.
За лансирање на овој проектил бил користен Транспортен еректор-лансер (TEL), вид воено возило коешто служи за транспорт, подигнување и лансирање ракети. Најчесто се користи за ракетно-артилериските системи, стратешки јуришни проектили, вклучително и интерконтинентални, но и за системи „земја-воздух“, на пример за руските „С-300“ или американските „MIM-104 Patriot“.
Ракетата „Хвасонг-17“ првпат беше претставена во 2020 година на парада на којашто нејзината големина, којашто се опишува како колосална, ги изненади и искусните западни воени аналитичари.
Лансирањето на проектилот на 24-ти март го следеа армиите на Јужна Кореја и на Јапонија. Јапонските функционери рекоа дека летал на височина од 6.000 метри и паднала во јапонските води, откако летела повеќе од еден час. Со дострел кој јапонската влада го процени веројатно на повеќе од 15.000 километри, проектилот може да погоди цели каде и да е во светот, освен некои земји во Јужна Америка и делови од Антарктикот.
Интерконтиненталните балистички ракети (ICBM) се проектили со долг дострел, способни лансирани од Северна Кореја да погодат која и да е цел во САД, а способни се истовремено да носат повеќе нуклеарни боеви глав. Со резолуциите на Советот за безбедност на ОН, на Пјонгјанг му е забрането тестирање на ваквите ракети.
Лансирањето веднаш беше осудено од САД, Јапонија и Јужна Кореја. Поради тоа, во петокот попладнето по средноевропско време ќе се сретне Советот за безбедност на ОН.