ВИДЕО| Шефот на јорданската дипломатија: Израел започна копнена офанзива

Израел започна копнена офанзива во Појасот Газа, објави јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади.

„Израел штотуку го започна копнена војна против Газа… Резултатот ќе биде хуманитарна катастрофа од епски размери во годините кои доаѓаат“, напиша Сафади во петокот доцна вечерта на Х.

Малку претходно во петокот вечерта портпаролот на израелската војска изјави дека израелските воздушни и копнени сили го зајакнуваат интензитетот на своите дејствувања во палестинската енклава Појасот Газа, по извештаите за масивно бомбардирање на опколената енклава, каде што е оневозможен пристапот интерент и мобилните услуги.

„Во последните часови, ги интензивиравме нападите во Газа“, изјави воениот портпарол, контраадмиралот Даниел Хагари на брифингот со новинарите кој беше директно пренесуван на израелската телевизија.

Рече дека воената авијација изведува опсежни напади врз тунелите и другата инфраструктура во Газа.

„Покрај нападите изведени изминатите неколку дена, копнените сили оваа ноќ ги прошируваат своите дејстувања“, рече Хагари што ги побудува предвидувањата дека веројатно започнува долго најавуваната копнена инвазија врз Газа.

Израелските сили се групирани пред Газа, во која Израел спроведува интензивна кампања на бомбардирање од нападот на палестинската радикална исламистичка организација Хамас во јужните израелски области од 7-ми октомври. Ден претходно дел од израелските единици продреа во Газа во операција за подготовка на копненото настапување, но по неколку часа се повлекоа на почетните позиции.

Палестинскиот оператор на мобилни услуги „Jawwal“ претходно во петокот објави дека телефонските и интернет услугите се оневозможени поради тешкото бомбардирање.

Палестинската Црвена полумесечина во соопштение истакна дека целосно го загубил контактот со својата канцеларија за операции во Газа и со своите тимови на теренот.