Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWА) објави дека шест нејзини службеници биле убиени во израелски напад врз училиште со кое раководи во централниот дел на Појасот Газа, објави во четвртокот BBC.
Агенцијата за цивилна заштита на Појасот Газа објави дека во средата во нападот врз училиштето Ал Џауни во бегалскиот камп Нусејрат загинале најмалку 18 лица.
Израелската армија објави дека извршила „прецизен удар против терористите“ кои планирале напади од училиштето и дека презела мерки за да спречи цивилни жртви.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го осуди нападот, велејќи: „Она што се случува во Газа е целосно неприфатливо“. „Овие драматични прекршувања на меѓународното хуманитарно право мора веднаш да престанат“, објави тој на X.
Од UNRWA истакнаa дека овој напад „уби најмногу од нивните вработени во еден инцидент“ од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври минатата година. Се истакнува и дека ова е петти напад на тоа училиште во последните 11 месеци.
Израел ги осуди критиките од Гутереш.
„Неприфатливо е ОН да продолжи да го осудува Израел во неговата оправдана војна против терористите, додека Хамас продолжува да ги користи жените и децата како жив штит“, рече амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон.
И германското Министерство за надворешни работи ја оцени како „целосно неприфатлива“ смртта на шестмина вработени во ОН во израелскиот напад врз училиштето.
„Хуманитарните работници никогаш не треба да бидат жртви на ракети“, соопшти Министерството на Х, додавајќи дека „израелската армија има одговорност да ги заштити соработниците на ОН и хуманитарните работници“.