ВИДЕО| Шојгу предупреди дека пратките на НАТО со оружје за Украина се легитимни цели, проектилите истрелани од подморници

По низата предупредувања, во средата и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го предупреди НАТО дека пратките со негово оружје за Украина, Русија ќе ги смета за легитимни воени цели коишто ќе бидат уништени.

„САД и нивните сојузници во НАТО продолжуваат да трупаат оружје во Украина“, изјавил Шојгу во текот на конференциски состанок со челниците на одбранбениот руски сектор.

Рускиот министер за одбрана истакнал дека секој транспорт на Алијансата кој пристигнал на украинската територија со оружје или опрема за украинските вооружени сили ќе се смета легитимна цел којашто треба да биде уништена.

Според Шојгу, во текот на специјалната воена операција, како што Москва официјално ја нарекува руската офанзива во Украина, руските единици ја осигуруваат безбедноста на населението на проруската источноукраинската област Донбас, покажуваат смелост и храброст и чесно ја исполнуваат својата воена должност.

„Руските вооружени сили ќе продолжат да ги исполнуваат сите задачи поставени од Врховниот командант“, уверил министерот за одбрана.

Шојгу истакнал и дека руските единици го контролираат стратешки важниот пристанишен и индустриски град Мариупол на југот на Украина. Додал и дека мирниот цивилен живот се воспоставува на териториите на самопрогласените Доњецка и Луганса народни републики, како и во Украина кои се „ослободени од националистите“.

Истакнал дека руската војска во текот на борбените дејствија во Украина, заедно со силите од Доњецк и Луганск, ја прошируваат контролата врз териториите на двата југоисточни украински региона.

Шојгу се осврнал на обидите да се убедат да ги ослободат цивилите и да го положат оружјето украинските паравоени формации составени од припадници на екстремнодесничарските движења блокирани во големиот утврден металуршки комбинат „Азовстал“ крај Мариупол. Рекол дека во согласност со упатствата на претседателот Владимир Путин, остатоците од украинските борци кои се наоѓаат во индустрискиот комплекс се сигурно блокирани од сите страни.

„Беа игнорирани повторените предлози до националистите да ги ослободат цивилите и да го положат оружјето со гаранција за зачувување на нивните животи и достоен третман во согласност со меѓународното право. Ние продолжуваме со таквите обиди и повици“, рекол Шојгу.

Истовремено во средата руското министерство за одбрана соопшти дека руските подморници стационирани во Црното Море истрелале две крстосувачки ракети од моделот „Калибр“ врз цели во Украина. Москва првпат во април објави дека се ангажирани подморници за напади врз украински воени цели.

Класата проектили „Калибр“ вклучува неколку видови ракети, како што се противбродските ЗМ-54К/ЗМ-54Т со продирачка боева глава со силно експлозивно дејство, и ЗМ-14К/ЗМ-14Т за удари против копнени цели, исто така, опремени со високоекслозивни боеви глави. Сите модели се унифицирани според габаритите на бродските комплески ЗС14. Подморничките варијанти „Калибр-ПЛ“ се истрелуваат од 533-милометарски торпедни цевки.